Елези се пофали дека се потрошени 725 милиони денари за капитални инвестиции

300

Од почетокот на годинава инвестирани се над 725 милиони денари за реализација на капитални проекти преку МСИП, проект кој се реализира со поддршка на ЕУ и Светска банка, истакна заменик-министерката за финансии Ширет Елези, која денеска во Ново Село изврши увид на реконструираната и доградена општинска зграда преку овој проект.

– Имаме реализација на 59 проценти од капиталните инвестиции предвидени до крајот на годинава преку Проектот за подобрување на општинските услуги – МСИП. Станува збор за инвестиции во над 25 општини- информира Елези.

Во Ново Село, преку проектот МСИП е извршена реконструкција, надградба и доградбата на општинската зграда со што граѓаните ќе можат на едно место да ги добијат потребните услуги. Вкупната инвестиција изнесува 35 милиони денари.

– Со реализацијата на овој подпроект, новата административна зграда стана место каде што граѓаните ќе можат да ги добијат сите расположливи услуги на едно место. На приземниот кат од општинската зграда ќе се сместат сите подрачни одделенија на министерствата, Управата за водење матични книги, Управата за јавни приходи, Агенцијата за вработување, Фондот за здравствено осигурување и Фондот на пензиското и инвалидското осигурување- информира градоначалникот на Општина Ново Село, Никола Андонов.

Елези нагласи дека патната инфраструктура во Југоисточниот Регион целосно се реконструира.

– Како Влада обезбедуваме брза врска со границата со Бугарија. Тргнувајќи од Скопје до Штип изградивме нов автопат, во моментов градиме и експресен пат од Штип до Радовиш, а се реконструира и делницата од Радовиш до Струмица. Воедно, од Струмица до Ново Село и од Ново Село до бугарската граница се работи на реконструкција на делниците. Станува збор за инвестиции во вредност од над 54 милиони евра, со кои инвестираме во нова модерна и безбедна инфраструктура – истакна Елези.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...