Елези: Притискаме капиталните инвестиции да се реализираат

Елези тврди дека има одлична наплата на приходите во Буџетот со реализација од 47 отсто од планираното, а буџетскиот дефицит е 0,7 отсто или една четвртина од проектираниот.

326

Министерството за финансии ги притиска институциите да ги реализираат капиталните инвестиции и доколку има потреба ќе се направи ребаланс на буџетот, изјави заменик-министерката за финансии Ширет Елези по денешната средба со претседателката на Организацијата на потрошувачи Марија Лончар.

– Правиме напор и сите институции ги притискаме да ги реализираат капиталните инвестиции во наредниот период. Затоа правевме и одредени анализи, ако има потреба ќе се прави ребаланс на буџетот за да ги прераспределиме таму каде има потреба од буџетските корисници за да се реализираат – рече Елези.

Елези тврди дека има одлична наплата на приходите во Буџетот со реализација од 47 отсто од планираното, а буџетскиот дефицит е 0,7 отсто или една четвртина од проектираниот.

Во врска со актуелниот тренд на задолжување, Елези рече дека заклучно со 2016 година јавниот долг учествуваше со 48,5 отсто во БДП, додека на крајот на 2017 година вкупниот јавен долг е намален на 47,2 отсто од БДП.

– На почетокот на 2018 година или само во јануари Министерството за финансии исплати над 200 милиони евра долг од претходните години, односно исплати кредит земен во 2013 година од 95 милиони евра, а исто така предвреме е исплатена обврзница – рече Елези.

Во запишаната повисока сума на државни хартии од вредност на вчерашното задолжување, Елези појасни дека тоа е зависно од рочноста и структурата на хартиите од вредност.

– На почетокот на јули се задолживме 10 милиони евра, а вративме 12 милиони. Тоа е делот што зависи од рочноста и структурата на хартиите од вредност – рече таа.

Заменик министерката за финансии, оцени дека има промена на политиката на задолжување.

-Ако во 2012 година структурата на портфолиото на државните хартии од вредност беа 93 отсто краткорочни, и само седум отсто долгорочни, сега 60 се долгорочни и 40 краткорочни и со тоа го избегнвуаме ризикот за рефинансирање – рече Елези.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...