Европската комисија денеска поднесе тужба против Унгарија поради непочитување на Законот за азил и враќање на мигрантите, и и испрати предупредување поради законот, со кој се инкриминираат активностите на невладините организации, кои им помагаат на мигрантите, изјави портпаролката на ЕК Мина Андреева.
ЕК испрати предупредувачко писмо, што е првиот чекор во започнување постапка против една земја-членка, поради новиот унгарски закон, со кој се инкриминираат активностите на невладините организации, кои им помагаат на мигрантите, наречен „Стоп Сорос”.
Андреева рече дека ЕК и испратила на Владата на Унгарија официјално предупредување и и дала рок од два месеци да одговори на него.
Тужбата е поднесена поради тоа што унгарскиот закон предвидува дека барање за азил може да се поднесе само во рамките на транзитните центри за бегалци, во кои пристапот е дозволен само на ограничен број на луѓе, и затоа што унгарскиот закон не е во согласност со европските, кои предвидуваат дека лицето може да се задржи во транзитен центар најмногу четири недели.