Европската комисија во Извештајот за напредокот на Србија во процесот на евроинтеграција наведува дека преговорите бележат напредок, а од 12 отворени поглавија, две се привремено затворени.
– Вкупната брзина на напредокот на Србија зависи од напредокот во областа на реформите, посебно од брзите реформи во правосудството, како и нормализација на односите со Косово – се посочува во извештјот на ЕК.
Во документот се истакнува дека економските реформи во Србија продолжуваат да даваат резултати, посебно во областа на макроекономската стабилност на земјата, но нивото на јавни и приватни инвестиции останува ниско, а мора да се подобри и деловното опкружување за мали и средни претпријатија.
– Големите структурни реформи на јавната администрација, даночните власти и државните претпријатија и понатаму се некомплетни – се истакнува во Извештајот, при што се додава треба да се развие и да се зајакне административниот капацитет, кој е задолжен за прашањата кои се однесуваат на Европска унија.
ЕК препорачува и дека Србија треба повеќе да се посвети на дијалогот со Косово, вклучително и имплементација на веќе постигнатиот договор за енергетика, мостот во Косовска Митровица, заедничко управување на граничните премини и признавање на дипломите.
И покрај забележаниот напредок во областа на владеењето на правото, ЕК посочува дека Србија мора да „ги интензивира напорите и да испорача повеќе резултати, посебно во поглед на обезбедување на условите за слободата на изразување, јакнење на независноста и вкупната ефикасност на правосудниот систем за да обезбеди одржлив напредок во борбата против корупцијата и организираниот криминал, вклучително и перењето на пари“.
ЕК препорачува транспарентност, сеопфатност и подобрување на законодавството, а меѓупартискиот дијалог да биде унапреден, со предупредување да се намали користењето на итни процедури, а улогата на независни тела да се признае во целост.
Во извештајот се потенцира дека Србија е „просечно е подготвена во областа на реформите на јавната администрација“, а „одредено ниво на подготвеност“ забележен е во борбата против корупцијата, како и во борбата против организираниот криминал.
– Сепак, Србија мора да покаже повеќе резултати во ефикасните финансиски истраги, како и во истрагите, обвиненијата и крајните пресуди за случаите за перење пари – се истакнува во извештајот на ЕК, со забелешка дека е многу мал бројот на пресуди за организиран криминал.
ЕК констатира дека почитувањето на човековите права во Србија е поставено во законска и институционална рамка, но тоа мора да се применува на цела територија на државата, што вклучува и заштита на малцинствата. Се очекува Србија да ја подобри состојбата на најдискриминираните групи како Ромите, ЛГБТ популација, лицата со инвалидитет, ХИВ позитивните лица, како и социјално загрозените групи, со препорака дека мора да се усвои законот за родова рамноправност.
Во Извештајот се истакнува дека нема напредок иако „постои одредено ниво на подготвеност“ за подобрување на слободата на изразување.
Србија е пофалена за конструктивната посветеност на билатералните односи, како со земјите во процесот на проширување, така и со соседните ЕУ земји членки, како и за активно учество во регионалната соработка.