ЕК бара ОН да назначи специјален претставник за безбедност на новинарите

63

Претседателот на Европската комисија Жан-Клод Јункер изјави дека на денешната средба во Брисел со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш предложил Светската организација да назначи свој специјален претставник за прашањата поврзани со безбедноста на новинарите.

– Тоа е прашање кое се повеќе не загрижува, и тоа не само во Европа – изјави Јункер.

Тој оцени дека светот е во безредие и оти мора да бидат преземени мерки.

Јункер додаде дека со Гутереш разговарал и за денешната вечера во Софија на шефовите на држави или влади од ЕУ, кои ќе разговараат за последните одлуки на Вашингтон. Според Јункер, повлекувањето на САД од нуклеарниот договор со Иран претставува закана за мирот и безбедноста во регионот.

Гутереш, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не очекува наскоро Советот за безбедност на ОН да одобри нови санкции против Иран, наспроти гласините дека САД може да се одлучат на таков чекор.

Во однос на средбата САД – Северна Кореја, тој изрази уверување дека „конечно разумот ќе надвладее” и разговорите ќе се одржат.

– Живееме во опасен свет, првпат во последниве децении режимот за неширење на нуклеарно и хемиско оружје е ставен под прашање. Студената војна се врати со нови механизми, во ситуација на продлабочени меѓусебе поврзано конфликти во светот, во кој терористите можат да нападнат насекаде, изјави генералниот секретар на ОН.

Според него, мултидржавниот институционален поредок и правилата на меѓународните односи се од исклучителна важност.

– Ја повикувам ЕУ да биде пообединета и поефикасна, со повеќе присуство, за повеќе да се слуша нејзиниот глас во меѓународните односи, додаде Гутереш.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...