Градежните работи на експресниот пат Градско – Прилеп напреднале само 20 отсто во изминатиот период. Моментно се работи на изведба на конструкциите на мостовите и се вршат земјени работи, информира Министерството за транспорт и врски по денешниот увид во градежните работи направен со претставници ЈП за државни патишта.
И на овој пат, како што соопштуваат од ова Министерството, имаат проблеми со експропријацијата на земјиштето, со проектираниот тунел и археолошките наоѓалишта што влијаат на забавување на изградбата.
Од Министерството преговараат со изведувачот на работите и најавуваат потпишување анекс на договорот за утврдување на рокот на завршување на проектот. Согласно договорот, експресниот пат треба да биде завршен до средината на 2020 година.
Изградбата на експресниот пат, се одвива во три фази.
Првата, изградба на делница од Градско до Дреново во должина од 16 километри почна во мај годинава.
Втората фаза ја опфаќа изградбата на делница од клисура Дреново до Фариш во должина од 10 километри исто така се гради.
За последната делница, проширување на патот од Прилеп до мост на Лениншка река и изградба на трета лента од село Беловодица до Каменлом Маврово во должина од околу 7,5 километри оваа година ќе се објави јавен повик за изведувач.
Вкупната инвестиција за изградба на експресниот пат Градско – Прилеп е околу 60 милиони евра, средства обебзедени од ИПА 2, од ЕБОР како и од буџетот на Република Македонија.