Билансот на жртвите при експлозијата во хемиската фабрика во градот Јангченг во провинцијата Џангсу во источниот дел на Кина, според последните податоци, се искачи на 64, додека 28 лица и натаму се водат како исчезнати.
– До 7 часот (по локално време), бројот на загинати во експлозијата во хемиската фабрика во провинцијата Џангсу се искачи на 64, од кои 26 се веќе идентификувани – соопшти претставник на кинеските власти.
Според него, по експлозијата во 16 болници во регионот биле примени вкупно 617 повредени лица, од кои 523 минале со полесни повреди и по укажаната помош биле пуштени на домашно лекување, додека 143 биле задржани на болничко лекување. Дел од нив подоцна им подлегнале на повредите, 21 се уште се во „критична состојба“, а 73 се во „тешка состојба“.
Причините за експлозијата во фабриката „Тјанџаји Хемикал Продакшен“ сѐ уште не се познати.
По експлозијата беа евакуирани околу 3.000 вработени во фабриката и околу 1.000 локални жители.
Кинескиот Национален сеизмолошки центар соопшти дека во моментот кога се случила експлозијата, во градот бил регистриран потрес со интензитет од 2,2 степени според Рихтеровата скала.
Фабриката е отворена во 2007 година и таа досега шестпати е казнувана поради загадување на воздухот и лошо управување со отпадот. Во нејзина близина се наоѓаат уште неколку хемиски фабрики.