Граѓаните од денеска имаат можност на едно место да добијат информации од 10 различни инстутуции – МВР, Министерство за транспорт и врски, Министерство за труд и социјална политика, Управата за водење на матични книги, Агенција за катастар на недвижности, Агенцијата за вработување, УЈП, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Фондот за здравствено осигурување и Централниот регистар. Сала за јавни услуги „Една точка за услуги” денеска се отвори во поранешните простории на Комерцијална банка и ќе работи секој ден до 19.30 часот.
– Ова е само појдовна точка на трансформирање на јавните услуги во услуги кои се брзи, навремени и ефикасни. Целта ќе биде постигната кога низ целата земја, секој граѓанин ќе може да има висококвалитетен јавен сервис. Овој сервис треба да ја демонстрира волјата на Владата дека не се работи само за козметика туку за суштински сервис кој најмодерен и најпрактичен начин менаџира со услугите на граѓаните – рече премиерот Зоран Заев на отворањето.
Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски рече дека ова е само почеток на проектот за воспоставување на вакви канцеларии низ целата држава.
– Нашата цел е да го смениме лицето и имиџот на јавната администрација преку менување на начинот преку кој граѓаните и фирмите ќе ги добиваат услуги. Целосно ќе ги укинеме шалтерите. Граѓаните ќе седат на иста маса со вработените во администрацијата. МИОА работи на дигитализацијата, следниот период ќе биде пуштен во употреба и националниот портал за електронски услуги. Дел ќе бидат достапни само и вистински со неколку кликови – рече Манчевски.