Еден час во „Куќа на лисјата“ во Тирана!? Премногу или премалку за престој во Музејот за тајно набљудување, место во кое се архивирани и се сведочи за злосторства на албанската тајна полиција Сигурими. Нашиот водич дополни дека Музејот всушност е сведоштво за времето кога режимот во Албанија, предводен од диктаторот Енвер Хоџа, се борел против надворешниот, но и внатрешниот непријател.
„Куќата на лисјата“ се наоѓа во строгиот центар на главниот албански град. Локацијата е фреквентна, итаат граѓани од сите генерации, млади и постари. Во непосредна близина се православната катедрала и Националната банка на Албанија. Просторот е уреден, а „Куќата на лисјата“ впечатлива и лесно се забележува. Лисјата што лазат по ѕидовите на куќата асоцираат на необичноста и несекојдневноста на куќата, која 24 часа ја чуваат редари и кои, како што рекоа за време на нашата посета, често им помагале на туристите, давајќи им зашеќерена, или блага вода, за да се справат со мачнината, немоќни под притисокот на мислите од тоа што го погледнале во седиштето на озогласената национална разузнавачка служба. Лисјата имаат и друго значење или симболика, тие кријат густа шума од податоци што биле собирани во куќата, која за време на Втората светска војна била користена од Гестапо, а по војната тогашните власти ја користеле како канцеларија за истраги.
Музејот е отворен за јавноста пред повеќе од една година и има што да се види во секоја од 31 соба, преполни со сведоштва чија единствена цел е, како што рекоа нашите домаќини, справување со минатото. Затоа можеби и не е чудно што посетителите најмногу се задржуваат пред единствената фотографија на која диктаторот Енвер Хоџа е сликан, клекнат. Тоа, според тамошните хроничари, никогаш во животот на Хоџа не му се случило, да клекне, а уште помалку да биде фотографиран. Којзнае!? Можеби со одлуката што деновиве ја донесе Државниот архив на Албанија за декласификација на тајните досиеја од времето на комунистичкиот диктатор Енвер Хоџа, и неговите соработници, ќе се пронајдат и други документи, според одредени информации дури над 600.000, кои ќе бидат достапни за историчарите и за јавноста.
Во музејот посебно место имаат т.н. „живи микрофони“ или луѓето кои оддавале семејни тајни, важни и неважни информации, снимале и преснимувале, инсталирале електронски уреди вклучувајќи ја т.н. шпионска бубачка, која била поставувана во домовите, на фрижидерот, под маса, под пепелник, во топукот од чевлите, на мотика… Се снимале домашни свечености, слави и прослави, сè што се зборувало на седенки, па дури и на нива. Шпионската бубачка била инсталирана во сите градови и поголеми населени места, како што се Елбасан, Круја, Драч, но и Корча, Дебар, Подградец и други. Тоа било така затоа што Сигурими сметале дека на тој начин подобро ќе се справат со домашниот и надворешниот непријател, посебно со дипломатскиот кор, кој се доживувал како голема опасност за државата.
Посетителите на музејот не може а да не застанат пред бројните магнетофони, касетофони, ухерите-ленташи за кои нашиот водич истакна дека биле увезувани од некогашната Источна Германија, камери поставувани на копчињата од внатрешната страна на палтата. Се снимало во хотели, ресторани, на спортски натпревари, во фабрички хали, дома додека домаќинката со соседката пиеле утринско или попладневно кафе.
„Куќа на лисјата“ е место во кое како што лисјата шушкаат, така и тоа денес „шушка“ со гласовите на невини луѓе кои биле судени и осудувани, ликвидирани без доказ, но со политички мотиви.
Во „Куќата на лисјата“, во Тирана, од неодамна се влегува без страв, отворена е… Еден час е доволно за да фотографирате и да дознаете дел од тоа што се случувало во таа долго време затворена држава, од чии ридови и планини ѕиркале над 700.000 бункери, катаден оптоварена со стравот за себе, и од себе.