Европските ревизори ќе го чешлаат финансирањето на Еуроњуз

53

Европскиот ревизорски суд предупредува дека Европската комисија нема ефикасен начин да процени како се трошат нејзините фондови, чија цел е зголемување на медиумското покривање на европските прашања, јави дописничката на МИА од Брисел.

Американската Ен-Би-Си минатата година откупи 25 отсто од европскиот информативен канал Еуроњуз, кој е финансиран делумно од Европската комисија и од јавните сервиси на европски земји. Меѓутоа, според европските ревизори, Комисијата не е во можност повеќе да проверува на ефикасен начин како се трошат нејзини пари, откако го изменила методот на субвенционирање.

Помеѓу 2014 и 2018 година, Европската комисија доделила вкупно 122 милиони евра за Еуроњуз, што претставува една третина од приходите на каналот.

– Европската комисија треба годишно да проверува дали Еуроњуз ги исполнува своите заложби за зачувување на уредничката непристрасност и европската перспектива, но не најдовме никаква поврзаност помеѓу овие заложби и критериуми на Европската комисија за годишно доделување на овие фондови – алармира ревизорскиот суд.

Извештајот, исто така, нагласува дека не постои доволно веродостоен начин да се провери гледаноста на каналот и предупредува дека Еуроњуз не е јавен сервис.

– Ниту една земја членка не му доделил мандат на јавен сервис на Еуроњуз, што значи дека не добива директни фондови, и затоа Еуроњуз не е достапен за сите или повеќето граѓани во Европската Унија – соопштија ревизорите, кои постапуваат по барање на Европскиот парламент.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...