Европскиот парламент го призна Гуаидо за претседател на Венецуела

69
foto MIA

Европскиот парламент усвои резолуција со која го признава Хуан Гуаидо како легитимен привремен претседател на Венецуела, јави дописничката на МИА од Брисел.

Резолуцијата е поднесена од страна на Европската народна партија (ЕПП) и со неа се повикуваат земјите членки на ЕУ и другите институции на Унијата да го сторат истото, сѐ додека не се одржат фер и транспарентни избори во Венецуела.

– Од Европа можеме да помогнеме да се смени режимот во Венецуела, оние кои протестираат во Венецуела не се Европејци, но се борат за истите вредности за кои и ние се бориме – рече потпретседателот на ЕПП, Естебан Гонзалес Понс.

Европскиот парламент со ова станува првата ЕУ институција која го признава Гуаидо како легитимен претседател.

– ЕП сега очекува од другите институции во ЕУ да заземат „едногласна и силна“ позиција по ова прашање – порача претседателот на Европскиот Парламент, Антонио Тајани, по гласањето.

Резолуцијата е усвоена со 439 гласа „за“, 104 „против“ и 88 „воздржани“

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...