Годишната анализа на Европската комисија за економските реформски програми на земјите кандидати за членство во ЕУ покажува позитивни трендови за земјава и го привлекува вниманието на сите чинители кон предизвиците.
Европската комисија констатира дека економскиот раст во земјава повторно зема залет и дека изгледите се позитивни.
„Благодарение на силниот извоз и силната домашна потрошувачка, бруто домашниот производ (БДП) е зголемен за 2,7 отсто во 2018“, стои во годишниот извештај за Економската реформска програма (ЕРП) на Еврокомисијата.
Очекувањата се дека економијата ќе продолжи да расте од 3,2 отсто во 2019 до 5,1 отсто во 2021, пред сѐ благодарение на домашната побарувачка. Меѓутоа, предупредува Еврокомисијата, надворешните околности би можеле да се влошат повеќе од очекуваното, со што се става во опасност оваа оптимистичка прогноза.
Притоа постои ризик увозниот раст да се зголеми повеќе од планираното поради зголемена домашна побарувачка, додека пак прогнозите за инвестициите можат да бидат доведени во прашање поради слаба имплементација на планираните инфраструктурни проекти и нискиот импакт на зголемената финансиска поддршка за приватни инвестиции, стои во годишната проценка на Европската комисија.
Во однос на фискалната стабилизација, Комисијата смета дека дел од мерките можат да бидат недоволни на долг рок, пред сѐ поради ризиците поврзани за нивната имплементација.
„Зацврстувањето на фискалната одржливост би барала дополнителни напори за мобилизација на приходите и промена на политики кои носат заштеда, вклучително и пензискиот систем“, стои во извештајот.
Европската комисија смета и дека е потребен поголем надзор врз растечкиот долг на јавните претпријатија, кои работат надвор од рамките на владиниот фискален режим.
Клучните предизвици, според Комисијата, се стабилизацијата на јавниот долг преку намалување на примарните дефицити, истовремено зачувувајќи го растот и поттикнувајќи капитални трошоци.
Европската комисија, меѓу другото, предлага мерки за подобрување на наплатата на приходи и намалување на даночните изземања, како и потранспарентна рамка за државната помош и дополнителна реформа на пензискиот систем. Истовремено, европската извршна власт предупредува дека овие фискални реформи не смеат да се одвиваат на штета на инвестициите во јавната инфраструктура и образованието.
Во однос на образовниот систем, според Комисијата, потребна е темелна реформа на секој степен, вклучително и неформалното образование, со цел подобрување на состојбите за ранливите категории, како жените, одредени етнички заедници и одредени региони кои постојано се соочуваат со високо ниво на невработеност. Земјата има проблем и со ниското ниво на квалификација на работниците, кои поради тоа не успеваат да најдат работа и се повеќе склони кон емиграција.
Неформалниот сектор, исто така, продолжува да претставува опасност за економијата и за бизнис климата, смета Комисијата, бидејќи тој создава нефер услови на конкурентност и ги ограничува можностите на легалните бизниси да се развиваат и инвестираат во развој, иновација и продуктивност. Освен тоа, непријавените приходи и работа ја оштетуваат економијата и ги намалуваат можностите и условите на вработување, како сигурноста и безбедноста. Еврокомисијата е свесна дека ова прашање е посебно деликатно и дека ќе бидат потребни внимателно осмислени мерки.