Европската Комисија и Фејсбук во клинч поради кампањата за европските избори

29
ФОТО: EPA/MAURITZ ANTIN
Европската Комисија му забележува на американскиот гигант Фејсбук дека ја попречува кампањата за изборите за Европскиот Парламент поради неговите нови правила за политичко рекламирање кои имаат за цел да ја заштитат ЕУ од малициозни надворешни влијанија, јавува дописничката на МИА од Брисел.

По минатогодишната афера со фирмата Кембриџ Аналитика, која преку апликација на социјалната мрежа собирала лични податоци на корисници во политички цели, како и по бројните скандали со лажните вести, Европската Унија инсистираше Фејсбук да ги преземе сите потребни мерки да ги заштити гласачите во претстојната кампања за Европскиот Парламент.

Фејсбук, заедно со други технолошки гиганти, потпишаа кодекс на однесување со ЕУ преку кои се заложи дека ќе вложи максимални напори во таа насока. Ангажирани се четириесетина специјалисти во седиштето на Фејсбук во Даблин кои имаат задача да мониторираат лажни вести, но и политички реклами.

Социјалната мрежа кон крајот на март најави дека планира да забрани рекламирање на политички партии во земји во кои тие не се законски застапени, сѐ со цел да се избегне вмешаност на странски сили во кампањата, како што беше случај со Русија во американските избори или референдумот за Брегзит.

Оваа одлука, меѓутоа, ги крена на нозе европските институции поради пречките кои ќе ги имаат да водат транснационални кампањи во текот на изборите. Генералниот секретар на Европската Комисија, Мартин Селмаер, пред три дена испрати и официјално писмо до социјалната мрежа за да побара привремено изземање од ова до изборите, кои започнуваат на 23-ти мај.

Европската Комисија потсети и дека ова правило никогаш не било дел од кодексот на добри практики против лажните вести и дека станува збор за строго комерцијална одлука на технолошкиот гигант.

Иако Ник Клег, потпретседателот на Фејсбук задолжен за односи со јавност, вети дека ќе има изземање помеѓу 25-ти април и 26-ти мај, но засега тоа не стапило во сила.

Во писмо испратено до неколку невладини организации кои исто така се соочуваат со овој проблем, вториот човек на Европската Комисија, Мартин Селмаер, тврди дека за сега нема мерки на изземање од правилото, и ги повикува организациите да поднесат поплаки до Фејсбук.

Од своја страна, социјалната мрежа тврди дека е отворена да ги изземе европските ентитети од правилата, но дека е потребна дозвола од националните изборни администрации, процедури кои можат да траат подолго од самата кампања.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...