Европската комисија високо ја оцени реализацијата на Програмата за економски развој

Во обраќањето министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека три клучни приоритети во Програмата за економски реформи 2020-2022 се намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борба против сивата економија.

65

Македонија и Албанија од регионот имаат највисока реализација на проектите и мерките од Програмата за економски развој лани, оцени Европската комисија  во извештајот за дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција.

На Економскиот и финансиски дијалог меѓу ЕУ и Западен Балкан и Турција, кој се одржува денеска во Брисел, министерот за финансии Драган Тевдовски рече дека три клучни приоритети во Програмата за економски реформи 2020-2022 се намалување на невработеноста кај младите, интегрирање на домашните компании на меѓународните пазари и борба против сивата економија.

Обраќајќи се на дискусијата за структурни реформи со цел привлекување странски директни инвестиции, Тевдовски истакна дека ќе се поддржи вмрежувањето на домашните компании на меѓународните пазари.

Тој посочи и дека преку Рамката за соработка со Светска банка ќе се обезбеди поддршка за привлекување странски директни инвестиции од високо продуктивни и извозно ориентирани сектори, вмрежување на домашните микро, мали и средни компании на меѓународните пазари и инвестирање во проекти за технолошка модернизација.

– Исто така, ќе се настојува да се поврзат странските директни инвестиции со домашните, особено малите и средни компании, што ќе овозможи креирање на нови работни места и вон технолошко-индустриските зони – рече Тевдовски.

Според него, еден од приоритетите на Владата е намалување на невработеноста кај младите, а младинската гаранција е дел од проектите насочени кон тоа.

Тевдовски нагласи и дека ќе се продолжи имплементацијата на Акцискиот план за намалување на сивата економија. Целта е да се поттикне креацијата на формални работни места, како и поголемото учество на жените на пазарот на труд.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...