Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент побара претпристапните фондови, ИПА 3, да можат да бидат суспендирани ако не се почитува владеењето на правото во земјите кандидатки, јави дописничката на МИА од Брисел.
ИПА 3 фондовите, дел од следната повеќегодишна финансиска рамка на Европската унија за периодот од 2021 до 2027, треба да бидат дистрибуирани по логика на „праведна поделба“ наместо по земји и да можат да се суспендираат доколку се прекршат принципите на владеење на правото, истакнаа европратениците кои се членови на комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент.
Можноста за суспензија на претпристапните фондови е клучно барање на пратениците во овие преговори меѓу Парламентот и Советот.
– Оваа помош треба да биде придружена од јасни последици во случај на сериозно влошување на почитувањето на човечкото достоинство, слободата, демократијата, еднаквоста, правната држава и човековите права – смета ЕП.
Европската комисија мора да биде во можност да ја суспендира помошта или дел од неа и да ја воведе повторно кога причините за суспензија ќе бидат надминати.
Оваа позиција на Европскиот парламент е јасна последица на сѐ почестите нарушувања на принципите на владеењето на правото и демократијата во поновите земји членки на ЕУ, како Унгарија, Полска или, пак, Романија, и претставува начин да се превенира таков развој на настаните во идните земји членки од Западен Балкан.
Европскиот парламент ќе гласа за овој предлог на пленарна седница кон крајот на април во Стразбур.
Европската комисија предложи 14,5 милијарди евра за ИПА 3.