Европратениците бараат јакнење на проверките за извоз на оружје од ЕУ

36

Системскиот неуспех на земјите-членки на ЕУ за примена на правилата на ЕУ за контрола на извозот на оружје треба да се реши со механизам за санкции, соопшти денеска Европскиот парламент.

И покрај вообичаено договорените правила, поставените критериуми за тоа кој би можел да добие дозвола за извоз на оружје, земјите-членки систематски не успеале да ги применат. Затоа, ЕП бара механизам за спроведување на санкции за членовите на ЕУ кои ги кршат правилата.

– Заедничките правила за извоз на оружје се од суштинско значење за да се избегнат злоупотребите на човековите права и да се спречи употребата на европско оружје против европските вооружени сили, стои во резолуција што денеска ја усвои Европскиот парламент.

Европратениците истакнаа некои конкретни случаи, како што е фактот дека „најголемиот извоз на оружје во Саудиска Арабија, има зелено светло од земјите-членки на ЕУ“, иако извоз на оружје во земјата прекршува шест од осум критериуми, со што се поткопува целиот европски напор за контрола на оружјето. Извезените воени бродови помогнаа да се зајакне поморската блокада на Јемен, додека авионите и бомбите беа од суштинско значење за воздушната кампања, што доведе до тековните страдања на луѓето во Јемен, истакнуваа европратениците.

Тие ги поздравија Германија и Холандија, кои престанаа да и продаваат оружје на Саудиска Арабија и ги критикуваа земјите-членки што сé уште не го сториле тоа.

Европратениците, исто така, побараа ембарго за сите други членки на коалицијата предводена од Саудиска Арабија во Јемен.

Тие исто така изразија „шокираност и од количеството оружје и муниција произведени во ЕУ, кои се во рацете на Исламска држава во Сирија и Ирак“.Според заедничката позиција на ЕУ, земјите-членки мора да обезбедат дека извозните дозволи не се пренасочени кон несакани крајни корисници. Сепак, некои членки на ЕУ, како што се Бугарија и Романија, не успеваат ефикасно да ја применуваат оваа одредба, нагласуваат европратениците.

За да се избегне ризикот оружјето да заврши во погрешни раце, европратениците ги повикуваа сите земји-членки да „одбијат сличен трансфер во иднина, особено во САД и Саудиска Арабија”.

Резолуцијата за контрола на извозот на оружје беше одобрена од 427 гласови „за“, 150 „против“ и 97 воздржани.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...