ЕВН ја промовираше платформата за дигитално учење која ќе ја користат учениците од ЕВН паралелките во Скопје и Гостивар. За прв пат во дуалното образование се воведува ваквиот начин на учење кој ќе го подигне нивото на образование. Платформата беше презентирана пред членовите на Европската алијанса за практикантство, министерот за oбразование и наука Арбер Адеми и други учесници на 4-от Регионален семинар за едукација за земјите кандидати.
„Јас се заблагодарувам на компанијата ЕВН и на училиштето “Михајло Пупин“ за сето тоа што досега го направија за учениците, што континуирано се заложуваат за создавање на што подобри и поквалитетни генерации, преку постојан влог во наставата, во мотивацијата на учениците преку стипендирање и обезбедување на можности за вработување, како и преку вложување во инфраструктурните услови”, рече министерот за oбразование и наука Арбер Адеми.
Денес како плод на оваа соработка станува достапна уште една новина, нова е-платформа за управување со учење (Канвас) која е широко прифатена во светот и која ја унапредува дигиталната средина за учење, додаде министерот Адеми.
Системот за управување со учењето (Canvas) е предвиден да им помогне на наставниците да воведат иновации во подучувањето, а учениците да постигнат подобри резултати. Со него се овозможува поефикасно и поефективно образование кое истовремено е и привлечно за учениците од секој можен аспект.
„Бевме првите кои храбро влеговме во промоцијата на дуалното образование и сега сме први во воведувањето на модерните технологии за едукација на нашите ученици“, изјави на промоцијата Претседателот на Управниот одбор на ЕВН, г. Штефан Петер. „Нашата цел е Европските стандарди за едукација да бидат дел од македонското образование. Среќни сме што ќе можеме на младите да им ги овозможиме најдобрите услови за едукација, развој и вработување. Се надевам и другите ќе го следат примерот со што дигиталниот свет ќе стане нераскинлив дел од образовниот процес“, рече Петер.
Платформата за управување со учењето е создаден со цел зголемување на можностите на наставниците и поголема вклученост на учениците, со што им овозможува основа за понатамошно самостојно развивање, пристап кој го применуваат институциите ширум светот. Дигиталното учење е дел од Проектот „20-20-20“ преку која ЕВН во електротехничките училишта во Скопје и Гостивар формираше кабинети и тренинг центри за едукација на електро-монтери и електро-техничари кои по завршувањето на нивното образование и практикантската работа во ЕВН ќе добијат понуди за работа во компанијата.