ЕВН го доби тендерот за универзален снабдувач на струја

1155
SONY DSC

ЕВН го доби тендерот за универзален снабдувач на струја во Македонија и наредните пет години ќе ги снабдува домаќинствата.

Оваа компанија на денешната аукција понудила маржа од 11,5 отсто.

На аукцијата учествувала и државната компанија ЕЛЕМ.

Компанијата наскоро ќе го потпише и договорот со Владата, а граѓаните нема да има потреба да потпишуваат некакви документи со ЕВН, информира на денешната прес-конференција во Владата, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев рече дека Владата ЕЛЕМ ќе ја обезбедува енергијата за универзалниот снабдувач, а оние 20 отсто што треба да ги увезе нема да влијаат на цената на електричната енергија.

Анѓушев рече и дека со универзалниот снабдувач како механизам се штити интересот на граѓаните и се обезбедува домашно произведената електрична енергија да стигне кај нив по најповолни цени и услови и на тој начин да се заштитат од ценовните шокови.

– Со овој чекор на либерализација се завршува едно поглавје и од една страна се заштитуваат граѓаните, но од друга страна се либерализира пазарот за малите компании кои сега имаат пристап на слободниот пазар и треба да очекуваат пониска цена на електричната енергија од таа што ја имаа досега -рече Анѓушев.

Тој додаде дека Владата ќе го држи ЕЛЕМ во државна сопственост за да го заштити интересот на граѓаните.

– Практично на граѓаните во овој момент не им се исплаќа да излезат на слободниот пазар иако имаат право тоа да го направат – рече Анѓушев.

Инаку, како што беше речено на прес-конференцијата, рано е да се знае дали граѓаните од средината на годинава ќе плаќаат поскапа или поевтина електрична енергија од сегашната. Но , како што рече вицепремиерот, очекува да нема покачување на цената на струјата и по 1 јули кога Регулаторната комисија за енергетика треба да ја утврди новата цена на електричната енергија што ќе важи за универзалниот снабдувач.

Поради конкурентната цена на универзалниот снабдувач, компаниите увозници на струја моментално немаат интерес да им понудат пакети за снабдување на граѓаните.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...