Албанската и нигериската мафија доминираат меѓу странските криминални групи што дејствуваат на италијанска територија, изјави италијанскиот јавен обвинител за борбат против мафијата и антитероризам, Федерико де Рахо.
– Во нашата истрага вниманието ни е насочено кон албанската и нигериската мафија. Албанската мафија дејствува на рамноправна позиција со италијанските мафијашки кланови, со кои склучуваат бизниси за да владеат заедно со илегалната трговија – истакна Рахо при посетата на градот Касал ди Принципе, каде му е врачено признанието почесен граѓанин.
Според него, по неколкугодишно „затишје“ на италијанска територија повторно почнал да „цвета“ шверцот со цигари во организација на странските мафијашки кланови присутни во Италија.
Рахо посочил дека побарал формирање парламентарна комисија против мафијата, чие досегашно нефункционирање создало проблем во активноста на италијанската борба против мафијашките групи.