Еве кои писатели добија награди за 2019 година од ДПМ

274

Јован Стрезовски, Панде Манојлов, Зоран Пејковски и Катица Ќулавкова ги примија годишните награди на Друштвото на писателите на Македонија за најдобри книжевни остварувања во 2019 година. ДПМ им ги врачи признанијата на свеченост денеска, традиционално на денот кога го слави денот на своето основање (13 февруари 1947).

Наградата за проза „Стале Попов“ му е доделена на Јован Стрезовски за збирката куси раскази „Чувар на тајни“, Панде Манојлов за стихозбирката „Јужни реки“ е добитник на наградата за поезија „Ацо Шопов“, наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја доби Зоран Пејковски за пиесата за деца „Мали детски разговори“, а лауреат на наградата „Димитар Митрев“ за книжевна критика и есеј е Катица Ќулавкова за книгата „Поредокот на слободата: интерпретативен синкретизам“.

На конкурсот кој ДПМ го распиша во декември за најдобри книжевни остварувања во годината што измина пристигнале 57 наслови. Оваа година не е доделена петтата годишна награда – „Книжевен мост“ за книга објавена на некој од јазиците на националностите, затоа што според жирито за оваа награда – Ресул Шабани (претседател) и членовите Олга Панкина и Јусуф Едип, пристигнатите книги во оваа категорија не ги исполниле жанровските и естетските критериуми.

Претставници на жиријата за четирите доделени награди ги образложија одлуките, претставувајќи ги книгите на писателите-лауреати за 2019 година.

Одлуката за наградата за проза „Стале Попов“ едногласно ја донесе жири во состав: Јован Дамјановски (претседател) и членовите Томислав Османли  и Ермис Лафазановски. Жирито во состав: Паскал Гилевски (претседател) и членовите Михаил Ренџов и Иван Антоновски одлучуваше за наградата за поезија „Ацо Шопов“, одлуката за „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади ја донесе комисијата во состав: Љерка Тот Наумова (претседател) и членовите Панде Манојлов и Горјан Петревски, а за наградата за есеи „Димитар Митрев“ едногласно ја донесе жири во состав: Данило Коцевски (претседател) и  членовите Јасмина Мојсиева-Гушева и Ангелина Бановиќ-Марковска.

Друштвото на писателите на Македонија е формирано на денешен ден пред 73 години од писателите: Васил Иљоски, Славко Јаневски, Блаже Конески, Ристо Крле, Владо Малески, Димитар Митрев, Иван Точко, Коле Чашуле и Ацо Шопов.

Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...