Голем шумски пожар изби кусо по 14 часот во централниот дел на грчкиот остров Евија, а превентивно беа евакуирани жители на село во близина на пожарот и пренесени во безбедни делови, јави дописничката на МИА од Атина.
Противпожарната служба на Грција соопштува дека се уште трае справувањето со огнените јазици, а во гаснењето учествуваат 70 пожарникари со 31 возило, пет авиони канадер, четири хеликоптери, две пешадиски единици со 12 пожарникари, а дополнително биле мобилизирани уште 6 возила со 12 пожарникари.
На противпожарната служба ѝ помагаат општината и полицијата со пет цистерни со вода, а дополнително ќе се ангажираат уште три.
Од противпожарната служба на Грција, апелираат до граѓаните што се наоѓаат во поширокиот регион каде што изби пожарот да ги следат упатствата на надлежните.