На повеќе места во Калифорнија и натаму беснеат пожари заради што во оваа сојузна американска држава е прогласена вонредна состојба, а меѓу десетиците илјади евакуирани се и холивудскиот актер и поранешен гувернер, Арнолд Шварценегер, и кошаркарската ѕвезда од ЛА Лејкерс, Леброн Џејмс.
Повеќе од милион домови и деловни објекти се останати без струја откако вчераутро изби голем поажр во близина на музејот Гети во Лос Анџелес.
На илјадници лица, од некои од најбогатите квартови во градот, им е наредено да ги напуштат своите домови, меѓу кои се и Шварценегер и Џејмс, кој со семејството бил присилен да се евакуира.
Пожарот во Лос Анџелес брзо се шири и зафати површина од 200 хектари во ридовите околу еден од главните автопати, пренесе Гласот на Америка. Во него изгореа најмалку пет куќи, а се очекува оваа бројка брзо да нарасне. За среќа засега нема повредени.
Во северниот дел на Калифорнија заради силниот налет на ветрот илјадници пожарникари и натаму не можат да го изгаснат најголемиот пожар во ова подрачје- такарнаречениот Кинкејд пожар, поради што локалните власти наредија евакуација на најмалку 200 илјади лица.
ФОТО: EPA / PETER DASILVA