Дури не „изгори“ некој на суд, говорот на омраза ќе пламти!

Обвинителството да не помисли да се вади на дилемата дали треба да дејствува по службена должност– да, апсолутно да, зашто говорот на омраза не ги загрозува само жртвите, туку секогаш и јавниот интерес, бидејќи целата нација ја прикажува како идиотска, а истовремено, во принцип, се генерира насилство.

3548

Одамна не сум го посетил Фејсбук профилот на Миленко Неделковски. Некако, откако човекот остана напуштен од своите главни брифери и спонзори, од политички релевантните личности, изгубив желба да се занимавам само со неговиот опскурен лик. Впрочем, на „нашава“ страна сега Миленко си има свој пандан, кој веќе е и допрва ќе биде толку актуелен и важен колку што добива нарачки и спонзорска поддршка од високи кругови во и околу власта. Така оди таа работа, за жал…

Но, ете, коментарите што ги читам, ме натераа повторно да го отворам профилот на Миленко, оној со неговиот гневен сурат, кој некогаш симболизираше охолост и моќ, а сега само разочарување на уште една „напуштена љубавница“. И богами, имало што да се прочита, драги мои. Ваков говор на омраза, после големата трагедија во Грција, одамна не сме виделе.

Ај што вели дека не ги жали жртвите на пожарот во Атика – тоа го знаеме, на Миленко му е непозната емпатијата, особено кон луѓе што ги доживува како причинители на нашата и на неговата лична несреќа – туку и колне како баба, го повикува Бог живи да ги гори и слично. За жал, Миленко е само еден од многуте нелуѓе кои на социјалните мрежи истурија жесток говор на омраза кон нашите соседи и пријатели во Грција, кои сега се во неволја.

Јас лично веќе немам волја да го осудувам говорот на омраза, да апелирам на сочувство и како будала да се надевам дека некои ординерни кретени, какви што има безброј на Фејсбуков, ќе сфатат дека грешат, дека богохулат и дека ја демонстрираат својата нечовечност. Не, одамна веќе тоа не го правам. Тоа веќе нема никаква смисла. Со апели и повици на разум веќе ништо не се постигнува.

Говорот на омраза е кривично дело. Самиот сум бил жртва на жесток говор на омраза, дури и на отворен физички напад, акти за кои и луѓето кои сега се на власт (а демек блиски сме биле некогаш) не мрднале со малото прсте да преземат законски мерки да ме заштитат. А да сум само јас… Истото им се случува и на многу мои колеги, пријатели и соборци. Затоа, да бидам искрен, изгубив надеж. Сѐ дури не „изгори“ некој на суд, говорот на омраза и натаму ќе пламти.

За среќа, еве, додека го пишувам овој коментар, стасува првата информација дека Основното јавно обвинителство во Скопје, по допрен глас, оформило предмет „во врска со определени написи и коментари на социјалните мрежи, со кои преку компјутерски систем во јавноста се шират расистички и ксенофобични материјали“. Објавените текстови во социјалните мрежи се насочени кон пожарот во близина на Атина, Република Грција. Јавното обвинителство ќе испитувало „дали преку пишувањето на коментарите и написите на социјалните мрежи е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност“.

Дали е извршено кривично дело за кое се гони по службена должност? Немојте, ве молам! Ова ми звучи познато, како во времето на груевизмот, кога органите на прогонот обврската да ја истераат правдината ја префрлаа на жртвите. Господо обвинители, говорот на омраза не ги загрозува само жртвите, туку секогаш – ама баш секогаш! – и јавниот интерес, бидејќи целата нација се прикажува како идиотска, а во принцип се генерира и насилство. Затоа, не смее да има дилеми. Органите на прогонот треба правилно да ја протолкуваат суштината на говорот на омраза и да дејствуваат итно и бездруго по службена должност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...