По пауза од две години, еден од најистакнатите македонски композитори, Дуке Бојаџиев, кој долги години живее и работи во Њујорк, повторно ќе настапи пред македонската публика со два последователни концерти во Македонската филхармонија, закажани за 11 и 12 мај.
По овој повод, муабетиме со Дуке Бојаџиев на неколку актуелни теми.
По двегодишно отсуство од родното Скопје, на 11-ти и 12-ти мај, ќе настапиш со два концерта во Македонската филхармонија. На што работеше изминативе две години во Њујорк?
– Изминативе две години работев на неколку филмски проекти, но воедно имав и доста време за својата музика, па завршив многу нови музички материјали кои ги работам со години, а годинава премиерно ќе ги претставам и на македонската публика. Еден од нив е албумот „Сон-Верба-Љубов“ кој ќе го слушнете во жива изведба на концертите во мај. Во јули на Д-фест ќе го презентирам електро-акустичниот материјал под наслов „New York p.m.“, а кон крајот на годината во план е концерт со Македонската филхармонија кој ќе биде фокусиран на мојата филмска и оркестарска музика.
Концертот е насловен „Сон, верба, љубов“ според името на албумското издание. Што ново може да очекуваме од овој концерт?
– Покрај новите композиции од албумот, ќе изведам и неколку филмски теми, нова поезија и нови гости солисти, мојата драга пријателка со која заедно ја започнавме музичката кариера, Тијана Дапчевиќ, и актерката Наташа Петровиќ.
Позната е твојата работа на полето на филмското творештво, дали имаш некакви нови ангажмани?
– Се наоѓам во завршна фаза на работа за еден долгометражен филм во американска продукција, но периодов сум максимално фокусиран на подготовките за претстојните концерти во Скопје. Годинава сум повеќе посветен на концертни настапи и изведба на она што го творев во изминатите две години.
Твојот татко, Тодор Бојаџиев, имаше големо влијание на дефинирање на твојот музички вкус и талент. На секој твој концертен настап вклучуваш барем по една негова песна. Чие мислење сега пак, најмногу ти значи?
– Во мојата авторска работа, мојата сопруга Флора ми е како трето уво и секогаш е брутално искрена, па нејзините коментари ги слушам и ми значат. Кога работам на филм, најмногу ми значи мислењето на режисерот. Кога правам концерт најбитно ми е задоволството на публиката.
Приватно, што моментно сонуваш, во што веруваш и што љубиш?
– Моментално сум во фаза кај што секој ден е за мене еден нов сон, верувам дека ќе го дадам својот максимум и го љубам секој момент. Се трудам комплетно да ја живеам сегашноста, со минимални мисли за минатото и иднината. На таа тенка линија, се наоѓа точката на мир и спокој.