Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, за МИА порача дека ДУИ останува на ставот дека додатокот за трето дете е добра мерка.
Откако Министерството за труд и социјална политика оцени дека се потребни измени за оваа мерка на површина излегоа и разликите помеѓу коалициските партнери, ДУИ и СДСМ, по ова прашање.
Османи оценува дека е потребна јавна дебата, но дека за ДУИ за сега нема убедливи аргументи дека мерката е лоша.
– Во таа јавна дебата сметаме дека не се анализирани комплетно бенефитите од една таква мерка и дека не е добро да се укине тој додаток бидејќи нашите анализи покажуваат дека напротив има резултати од една таква мерка – смета Османи.
Вицепремиерот повика дека прашањето е отворено за јавноста да дебатира, но дека не стигнало до Владата.
– Не е ова некоја расправа во Владата бидејќи прашањето не е стигнато до Владата, тоа прашање е отворено за јавна дебата со цел токму ова да се постигне, политичките партии, граѓанските здруженија, граѓаните, ескпертите да кажат мислење и потоа министерството врз основа на тие мислења да го комплетира предлогот. Дали ќе го пушти до Влада или нема – изјави Османи за МИА.
Околу истрагата на СЈО која се води против него, вицепремиерот смета дека за владеењето на правото се потребни два елементи: да нема неказнивост и да се почитува презумпцијата на невиност, и дека ниту еден од овие елементи не смее да биде нарушен. Тој бара „нормалност“ во процесот и смета дека доколу се утврдат фактите, „тогаш ќе дојде прашањето за моралниот и легалниот кредибилитет“.
– Државниот завод за ревизија прави истраги на дневна основа, тоа се ревизии на сите потписи што ги ставаат министрите и тоа е нормален процес, никој не поднел оставка затоа што Државниот завод за ревизија наоѓа забелешки, истото треба да го воведеме како принцип кај нас: да има истраги на дневна основа за секого, дури и во јавноста имаме шпекулации за министри, директори, можни злоупотреби. Истраги треба да почнат денес, за сите, бидејќи сме еднакви пред законите.