Наградата за проза „Стале Попов“ му е доделена на Влада Урошевиќ за романот „Маџун“, за поезија „Ацо Шопов“ ќе ја добие Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Патот“, Лидија Капушевска-Дракулевска е добитник на наградата за критика „Димитар Митрев“ за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“, Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ ја добива наградата за литература за деца „Ванчо Николески“, а Рифат Емин за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик е награден со „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на некој од јазиците на националностите во Македонија.
Македонската писателска асоцијација денеска одбележува 72 години од основањето. Формирана е на 13 февруари 1947 година, а за прв претседател бил избран Блаже Конески.