Можам да ги разберам, или, подобро речено, да ги насетам мотивите поради кои премиерот Зоран Заев одлучи да не побара оставка од функционерите од власта кои беа јавно прозвани по објавувањето на резултатите од тендерот за грантови на Фондот за иновации.
Имено, од изјавата на Заев, со извесна доза на претпоставена доза симпатија кон премиерот и со дополнителен мисловен напор да се „свари“ кажаното, можеме да заклучиме дека човекот е убеден дека неговите избраници постапиле законски и етички и со тоа му дале доволно аргументи да ги задржи во своето опкружување. Заев е искрен: „Мене ми требаат овие функционери, јас со нив работам и ги знам нивните капацитети“.
Се осмелувам да кажам дека до тука сѐ е во ред. Ако премиерот има информации дека немало повреда на законот и ако смета дека откажувањето на дел од функционерите од добиените грантови е фер и етичка постапка, тој има право да инсистира да ги задржи своите соработници на кои им верува. Не сме ние тие што ќе му ги избираме. Ако некој од нас мисли поинаку (и тоа е легитимно, нели), редно е острицата на критиката да ја насочи кон премиерот, кој го заложи својот политички авторитет во одбрана на неговите избраници. Јас сепак би ги сочекал резултатите од истрагата која е во полн ек, за потоа да разговараме со факти и аргументи.
Што, сепак, не е во ред од страна на Заев?
Крајно време е премиерот да сфати дека обичните луѓе не се шамани, за да ги толкуваат пораките во неговите изјави и дека во политиката е исклучително важно не само што се кажува, туку и како се кажува. Многу е несериозно, на пример, да се каже следново: „Ако така бараме оставки, потоа ќе се мислиме од каде да најдеме луѓе да ги ангажираме во власта“. Овој „аргумент“ деновиве е изложен на потсмев, бидејќи луѓето со право прашуваат каква партија е СДСМ ако не може да најде подобри луѓе за во власта (не за тркалање буриња, де), од некои функционери чии синови, снаи и други весели роднини така речи вчера формирале фирми за да лапаат тендери.
Уште понесериозно е да се тврди дека „убавината на транспарентноста“ била во тоа што „Владата знае да се поправи, знае да инсистира, да биде упорна во своите ставови, но истовремено знае и да се врати чекор назад“. Не е така, другар Заев! Убавината на транспарентноста е кога таа носи и одговорност за сите чие поведение не е во ред. Само одговорноста може да доведе до ултимативната цел, а тоа е луѓето во власта да не прават ујдурми, за да не мора владата да се враќа чекор назад, туку да граби два чекори напред.
Но, за овие „образложенија“, вака срочени, со свои зборови што би се рекло, сепак не е виновен самиот Заев. Премиерот не смее да си дозволи – или не смее да му се дозволи! – самиот да ги предвидува прашањата што ќе му бидат поставени и самиот да ги смислува одговорите. Не велам дека еден добар премиер не може и тоа успешно да го работи, но и да е гениј за пи-ар, мора да сфати дека тоа не е и не смее да биде негова работа. Заев има служба за односи со јавноста, која е богато кадровски опремена и би требало да е кадарна да не дозволи нејзиниот шеф своите сензитивни одлуки да ги брани со изјави „од ракав“, кои потоа се толкуваат вака или онака, или дури наидуваат и на потсмев.
Не е прв пат да ја критикувам службата која е задолжена да ги дизајнира и да ги ускладува односите на премиерот Заев со јавноста. Можеби сум неправеден кон луѓето, можеби Заев диктира такви насоки. Не знам, не сакам да се мешам во туѓа работа. Само знам дека секогаш кога ги критикувам „пиарчиите“, некои луѓе опасно се налутуваат и потоа фрчат нарачки кај нивниот пулен задолжен да ме клевети и да ме навредува на својот парапортал. Јасно ми е дека тоа ќе се случи и овој пат. Но, тоа ќе биде само уште една дополнителна опомена до Заев малку посериозно да поразговара и со функционерите и со службениците во својата пи-ар служба, но и со сите функционери од своето опкружување, за кои вели дека му требаат.
Да сум на негово место, јас на сите би им рекол – ало другари, вие навистина многу ми требате, ама да си се приберете малку! Но, како што вели еден мој пријател, можеби незгодата е во тоа што ќе му одговорат другарите.