Компанијата „Дрекслермаер“ кај Кавадарци користи услуги од над 600 домашни компании, а на годишно ниво обртот на средства со домашните добавувачи изнесува некаде околу 10.000.000 евра.
Ова го соопшти генералниот директор на компанијата Лукас Мирингер на средба со министерот задолжен за регулатива за подобрување инвестициска клима за домашни претпријатија Зоран Шапуриќ, истакнувајќи дека има интенција за зголемување на соработката со домашните компании.
Шапуриќ ги поздрави иницијативите и заложбите како за квалитетот и стандардите во компанијата, и за поддршката на разните проекти, особено за соработката со домашните компании, со што и директно се подобрува македонската економија.
Во соопштението од Кабинетот на Шапуриќ стои дека во однос на тековното работење, од „Дрекслермаер“ очекуваат олеснување особено во административниот дел, по дигитализација на техничката документација, за која како проект се залага и Владата.
На средбата станало збор и за дуалното образование во кое е вклучена компанијата и за стипендирањето на студенти од техничките факултети.