Населението во светот е сѐ постаро, а бројот на жители расте со побавно темпо и се очекува во 2050 година да достигне 9,7 милијарди од сегашните 7,7 милијарди луѓе, соопштија Обединетите нации.
Во најновиот извештај на одделот на ОН за економски и социјални работи се предвидува светската популација да го достигне својот врв од речиси 11 милијарди до крајот на овој век.
Директорот на тој оддел Џон Вилмот, сепак, укажува на тоа дека 2100 година е далеку и оти таквиот исход не е сигурен, како и да тоа дека врвот може да се случи „подоцна или дури и порано, со помал или поголем број луѓе“.
Проекциите покажуваат дека девет земји ќе бидат „одговорни“ за повеќе од половина од очекуваниот раст на бројот на жители, од денес до 2050 година, а тоа се: Индија, Нигерија, Пакистан, Конго, Етиопија, Танзанија, Индонезија, Египет и САД.
Во Африка се очекува бројот на жители речиси двојно да се зголеми во 2050 година.
Исто така, се вели дека светската популација старее поради очекуваниот подолг животен век и намалување на плодноста.
Се очекува дека во периодот меѓу 2019 и 2050 година, населението да се намали за еден или нешто повеќе проценти во повеќе од 55 земји или области, од кои во 26 може да дојде до намалување најмалку 10 отсто.
– Во Кина, на пример, се проценува дека во периодот меѓу 2019 и 2050 година, населението ќе падне за 31,4 милиони жители, што е околу 2,2 отсто – се вели во извештајот.