Министрите на денешната владина седница го прифатија предлог – законот за изменување на законот за додадена вредност. Измените предвидуваат пролонгирање на рокот на примена на повластената стапка од 5%, на првиот промет на станбените згради и на становите кои се користат за станбени цели, а кој ќе се изврши во рок до 5 години по изградбата. Со предлог – законот рокот се продолжува за уште 5 години, односно од почетокот на следната година до крајот на 2023-рата.
Владата на седницата ја разгледа и ја прифати информацијата за предлог – договорот за доделување државна помош на друштвото за производство и трговија ТЕЛАМОН ЕВРОПА МАКЕДОНИЈА ДООЕЛ Скопје. Владата ја овласти Зорица Апостолска, министер без ресор задолжена за привлекување странски инвестиции, да го потпише предложениот договор за доделување државна помош на Друштвото за производство и трговија ТЕЛАМОН ЕВРОПА ДООЕЛ Скопје. Договорот ќе биде потпишан на 13 јули.
Со предлог – закон за изменување и дополнување на Законот за минимална плата во Република Македонија, за кој министрите се согласија дека треба да се донесе по скратена постапка, се уредува финансиска поддршка за раст на платите во повисок износ од минималната плата. Целта е да се поттикнат работодавачите да исплаќаат плати на работниците во повисок износ од минималната плата утврдена со овој закон, за подобрување на економскиот стандард и поттикнување на економскиот раст и развој во Република Македонија. Со предложените измени и дополнувања на Законот за исплата на минимална плата во Република Македонија ќе се поттикне спиралата за покачување на платите.
На 77-мата седница, министрите ги прифатија предлог – програмите за изменување на програмите за финансиска поддршка во земјоделството, во рибарството и аквакултурата и за поддршка на руралниот развој – сите за тековната, 2018-та година.
Владата на денешната седница ја прифати информацијата за давање согласност за распишување Јавен оглас за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари по пат на електронско јавно наддавање. Исто така, Владата ја донесе Одлуката за давање на ваквата согласност, а во исто време го донесе и решението за формирање Комисија за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост за површини над 3 хектари.