Скоро 9.000 граѓани се регистрирани и секојдневно користат 128 електронски услуги на порталот uslugi.gov.mk. што беше пуштен пред два месеца. На порталот во Каталогот на услуги веќе се достапни сите информации за добивање на 744 услуги. Каталогот претставува единствен извор на податоци за тоа како, во кој рок, во која процедура се добива секоја од овие 744 услуги, информираше денеска ресорниот министер Дамјан Манчевски.
Тој истакна дека со проектите за дигитална трансформација на државата реализирани од 2017. та година досега истакнувајќи дека со нив се подобрува квалитетот на живот на граѓаните.
Имаме, нагласи, целосно поставен правен и технички систем за сите интитуции да можат своите услуги да ги нудат по електронски пат на граѓаните.
Според Манчевски, порталот е крајниот видлив дел за граѓаните од преземените активности од 2017 година досега кога, како што рече, голем број институции меѓусебно беа неповрзани, а дигиталната комуникација помеѓу граѓаните и институциите практично не постоеше.
Единствено, наведе, имаше платформа за интероперабилност, но најголем дел од институциите не беа воопшто поврзани или не ја користеа.
– Ефектите ги чувствуваа сите граѓани. Губење време по шалтери, нејасни процедури, различни лични податоци во различни институции…Од друга страна, после две и пол години посветена работа, ситуацијата денеска е различна. Централно место има новиот портал за е-услуги, поврзан со Регистарот на население и со Каталогот на услуги, со обезбедено дигитално потпишување, пополнет ИСУЧР, нова платформа за управување со административни постапки и нов ДМС систем – рече Манчевски.
Тој истакна дека со неодамна презентираното ново решение на Мастеркард за дигитално потпишување, што првпат го развива нашата држава се олеснува докажувањето на идентитетот на граѓаните при користење за приватните или јавните електронски услуги.
Предвидени се пет бесплатни потпишувања за првите 150.000 корисници на е-владини услуги во текот на првите 12 месеци. За реализација на ова Мастеркард одвојува три милиони евра.
– Од земја која значително заостануваше, денес Северна Македонија има целосно воспоставен систем за дигитален јавен сектор. Во одредени решенија не само што сме лидери во регионот, туку и пошироко во европски и светски рамки, а тоа го увидоа и големите мултинационални компании како Мастеркард. Нашате политика не е да го следиме светските трендови, туку да ги водиме. Тоа и ќе продолжиме да го правиме – рече Манчевски.
Укажа и дека воспоставеното веб базирано решение за електронско решавање на управни постапки може да биде користено од голем број институции, а посебно е корисно за институции кои сакаат да ги дигитализираат деловните процеси, а немаат сопствен ИТ капацитет.
Во однос на транспарентноста потсети дека се преземени активности со кои, како што рече, денес имаме имаме нов и надграден Електронски национален регистар на прописи ЕНЕР, со нови функционалности и можност за вклучување на граѓаните, како и нов портал за отворени податоци, на кој досега се објавени 252 податочни сетови.