Дополнетиот Предлог-буџет за 2020 година на пленарка

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

114

Во Собранието од денеска на пленарна седница почнува расправата по Дополнетиот предлог-буџет за 2020 година кој ги содржи 12-те прифатени амандмани во текот на расправата во Комисијата за финансирање и буџет, а во фокусот се инвестиции во човечкиот капитал.

Приходите во Предлог-буџетот за 2020 година се проектирани на 222 милијарди и 300 милиони денари (3 милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6 отсто споредено со оваа година. Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од пет отсто во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Буџетскиот дефицит за 2020 година е предвиден на ниво од 2,3 отсто од БДП, што е пониско од нивото во 2019 година кога изнесуваше 2,5 проценти, согласно со Фискалната стратегија 2020-2022, како и препораките на меѓународните организации.

Дефицитот е намален и во апсолутно ниво за 160 милиони денари, и изнесува 17 милијарди 385 милиони денари.

Во фокусот на буџетот за наредната година е човечкиот капитал, односно подобар здравствен, образовен и социјален систем и силна поддршка за раст на реалниот сектор.

Министерката за финансии Нина Ангеловска оценува дека инвестициите во човечкиот капитал се клучни бидејќи тие ја движат економијата и ги движат промените.

– Пред нас се многу предизвици не само за нас како земја, туку и во светот, и сметам дека инвестициите во човечкиот капитал е нешто што е клучно, затоа што луѓето ја движат економијата. Луѓето ги движат промените и од нас ќе зависи дали оваа земја за една година ќе се придвижи како за пет и ќе бидеме брзи во тоа или ќе одиме назад или ќе стоиме во место, затоа што како што велат секое стоење во место е одење назад -изјави министерката одговорајќи на новинарско прашање на прес-конференција минатата недела.

Таа потенцира дека целта е да се задржат младите кадри во земјата денес кога мобилноста е поголема и младите многу полесно може да работат од едно на друго место и да се во различни земји. Сега, вели Ангеловска, во Европа и светот се дискутира како да се справиме со предизвиците на дигитално даночење, каде да се плаќа и во која земја данокот.

Капиталните инвестиции во буџетот се проектирани на ниво од 23 милијарди денари, а 56 отсто од вкупните буџетски расходи ќе одат во области врз кои се потпира човечкиот капитал.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8 отсто од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и јавните и приватните инвестиции.

Расправта по буџетот согласно деловникот треба да трае најмногу пет работни дена.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...