Инклузивен и одржлив развој на пазарот на хартии од вредност, заштита на инвеститорите и на интегритетот на пазарот, како и оптимизирање на институционалните перформанси се главните стратешки цели на Комисијата за хартии од вредост посочени во Стратешкиот план за работа на Комисијата за периодот од 2019 до 2021 година. Комисијата заедно со Стратешкиот план за работа ја донесе и Годишната програма.
Стратешкиот план содржи и низа проекти и активности, со чија реализација пазарот на хартии од вредност треба да биде канал кој му овозможува на капиталот да биде мобилизиран за оние на кои им е потребен, а ризиците поврзани со тоа, да ги сносат оние кои се подготвени да ги преземат.
„Со други зборови, Стратешкиот план дава предвидливост и нуди јавност на приоритетите и на плановите што Комисијата ќе ги презема во наредните три години и има цел инвеститорската јавност и учесниците на пазарот во овој стратешки документ да препознаат дополнителен импулс за целосна доверба во КХВ“, соопштуваат од Комисијата за хартии од вредност.