Домаќинствата ќе продаваат струја од фотоволтаици и ветерници

Со подзаконски акти кои се на јавбна расправа се воведува производител корисник на електрична енергија и премиум субвенција, но како пазарен механизам.

433

Домаќинствата, малите и микро фирми кои ќе произведуваат електрична енергија од сонце или ветер ќе можат да го продаваат вишокот на струја на дистрибутерот на електрична енергија. Ова им се овозможува со новиот Правилник за обновливи извори на енергија и со Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија кои се во предлог фаза на донесување.

Со овие документи покрај производител корисник на електрична енергија се воведува и премиум субвенција но како пазарен механизам

Двата документа денеска беа на јавна расправа во Стопанската комора на која присуствуваа вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев и министерот за економија Крешник Бектеши.

– Со новиот Закон за енергетика веќе не се лимитира процесот на инвестирање во производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија како порано. Сега се овозможува инвестирање во капацитети од 200 мегават часови инсталирана снага. Државата ќе обезбеди градежно земјиште кое ќе биде соодветно уредено на кое ќе има можност за инсталирање на фотоволтаици со различна моќност. Во однос на користењето на државна поддршка се воведува премиум тарифа. Неа ќе ја добијат инвеститорите кои ќе побараат најмала субвенција – изјави вицепремиерот Анѓушев на почетокот на расправата.

Со Правилник за обновливи извори на енергија и со Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија се уредува начинот на кој се одбиваат лиценците, концесиите како и производството и продажбата на електрична енергија од обновливи извори на енергија.

Се предлага горна граница на моќност на хидроелектраните да биде 10 мегавати, а ветерниците најголемота моќност е утврдена на 50 мегавати, додека пак за фотоволтаиците на 30 мегавати, а за централите од биогорива на 1 мегават.

Со овие документи се утврдува и начинот на кој вишокот од произведената енергија од обновливи извори на енергија наменета за сопствена потрошувачка ќе се предава во електродистрибутивната мрежа, потоа организирањето на тендерите и се уредува како производителите на електрична енергија што немаат статус на повластен производител, односно не користат поддршка, може да им ја продаваат произведената енергија на трговци, снабдувачи со електрична енергија и операторот на електропреносниот систем и операторите на електродистрибутивните системи по цени што не се регулирани.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...