Првпат претседателот на Европската Народна Партија, Жозеф Дол јавно се закани дека ќе ја исклучи партијата на унгарскиот премиер Виктор Орбан доколку неговата Влада продолжи со антиевропска кампања, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Доколку Орбан продолжи како што прави во последно време, ќе биде исклучен или сам ќе се замине – изјави денеска шефот на европските демохристијани, еден ден пред самитот на ЕУ кој ќе се одржи во Сибиу, Романија.
Ова е првпат Дол отворено да се закани со исклучување на партијата на Орбан, и покрај бројните повици од јавноста тоа да го стори со оглед на антиевропската кампања која ја води владејачката унгарска партија.
Фидес беше неодамна суспендирана од редовите на ЕПП, потег кој многумина го сметаа за симболичен пред изборите за Европски Парламент, поради изборната кампања на Фидес на која во негативно светло се прикажува Европската Унија и претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, кој исто така е член на ЕПП. Оваа суспензија е еден вид предупредување, а Фидес ќе треба да докаже пред посебна комисија дека ги исполнува условите за да остане во партијата, но дотогаш е и натаму членка на ЕПП.
Пред неколку дена, шефот на ЕПП во Европскиот Парламент и кандидат на оваа партија за претседател на Европската Комисија, Манфред Вебер, за медиумите изјави дека не сака победа доколку таа зависи од гласовите и поддршката на партијата на Орбан.