„Докуникулци 2018“ понуди 4 идеи за документарци

242

Со избор на четири нови идеи за снимање краток документарен филм заврши првиот дел од филмската работилница „Докуникулци 2018“, на која учествуваше втората генерација млади вљубеници во документарните филмови. Работилницата се одржа како дел од Патувачкото кино на „МакеДокс“ и фестивалот за процесирање култура „ДримОН“ во Струга.

На сесијата за избор на нови идеи (пичинг) учествуваа осум докуникулци од втората генерација и шест докуникулци од првата генерација. Со гласање на сите учесници во филмската школа и на екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“ беа избрани идеите со работен наслов „Галебот Џонатан Ливингстон“ на Розе Симоновска, „Скопска ситуација 2018“ на Анастасија Павловска, „Прстот горе“ на Марија Матеска и „Лог аут“ на Рамона Кочишки.

Претходно, двете генерации докуникулци на „МакеДокс“, во периодот од 21 до 28 јули, имаа работни сесии со кои раководеше Петра Селишкар, селекторка на филмската програма на „МакеДокс“, на кои ги сознаа неопходните информации за снимањето на документарните филмови, од откривање на приказната и изборот на протагонистите до работа со камера, светло, звук, сценографија, монтажа, режија и продукција. Во работните сесии беше вклучена екипата на „МакеДокс“.

На „пичингот“, кој се одржа како дел од програмата на „ДримОН“ на Летната сцена во Домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга, од првата генерација докуникулци учествуваа Давид Стојановски, Леа Димитрова, Јоана Арсовска, Давид Дамјаноски, Розе Симоновска и Леона Јариќ. Втората генерација „Докуникулци“ ја сочинуваат Емилија Динева, Сара Илиевска, Александра Зографска, Анастасија Павловска, Искра Митиќ, Рамона Кочишки, како и младите од Струга, Марија Матеска, Даниел Шикоски и Вероника Секулоска.

Покрај учеството на работилницата, сите докуникулци беа присутни и на проекциите на Патувачкото кино на „МакеДокс“, а сесиите се одвиваа на различни локации во Радожда, Мали Влај, Струга и во некогашниот камп „Треска“, каде беше изведена и еко-акција за чистење на крајбрежјето на Охридското Езеро.

Првиот дел на работилницата за креативен документарен филм „Докуникулци 2018“ се реализираше во партнерство со „ДримОН Фестивал“ и со поддршка од НЕД (National Endowment for Democracy) и Агенцијата за филм на Република Македонија. Двете генерации „докуникулци“ ќе бидат вклучени и во активностите на деветтото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 16 до 23 август во Куршумли ан во Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...