Понизок квалитет на тутунот од годинашната реколта, а со тоа и пониски откупни цени и откуп, очекуваат од Стопанската комора на Македонија.
Причина за тоа, како што рече на денешната прес-конференција, Васко Ристовски од Комората е дождот и невремето кое уништи добар дел од површините под оваа култура.
– Годинава површините под тутун се за десет отсто поголеми од лани, но врнежите кон крајот на јуни и почетокот на јули, како и невремето минатата недела, предизвикаа големи штети кај тутунопроизводителите, појава на болести и штетници што влијаеше врз квалитетот, а се одрази и врз количините – појасни Ристовски.
Ристовски информира дека тутунарите како резултат на квалитетот на тутунот од реколтата 2017-2018 година, цената од 217,6 денари, како и повисоките субвенциите, годинава ги зголемија површините под тутун.
– Заклучно со април 2018 склучени се 33.501 договор за откуп што е, исто така, зголемување за околу десет отсто во однос на 2017. Се очекува производство од 28,5 илјади тони – појасни Ристовски.
Според статистичките податоци, на кои се повика Ристовски рече дека извозот на ферментоиран тутун е на исто ниво со 2016 година, но цената е повисока и се движи до 5,4 долари за килограм. Во однос пак на извозот на цигари тој е повисок за 35 отсто.
– Увозот на ферментиран тутун пак е намален. Увезени се 2.000 тони, додека пак увозот на цигари е на нивото од претходната година и изнесува 2.400 тони – рече Ристовски.
Од Стопанската комора очекуваат новиот закон за тутун да реши некои од проблемите .во тутунската индустрија, а Мкедонија ќе биде прва земја во ЈИЕ што ќе го регулира овој сегмент од стопанството.
– Со законот се предвидува контрола на она што се сгтава во цигарите како адитиви и други супстанци.Продажбата се ограничува на 20 цигари во кутија што ќе влијае на намалување на потрошувачката на цигари кај младата популација. Поволно за тутунопроизводителите е и тоа што се намалуваат административните обврски што тие ги имаат на сметка на откупувачите. Се укинува белиот картон, а откупувачите се обврзани електронски да ги поднесуваат сите документи и информации до Министерството за земјоделство – рече Ристовски.
Тој појасни дека Македонија останува на ставот дека производството на тутун не е штетно и не се согласува со барањето на Светската здравствена организација за намалување на производството на ориенталниот тутун.
– Дискусиите околку ова прашање на глобално ниво се уште се водат, што значи се уште сме далеку од некаква одлука која би ја обврзала земјава на запирање на производството. Дополнително од оваа гранка живеат над 33 илјади семејства на кои треба да им се најде соодветна замена на тутунот со друга културата за да можат да опстанат – рече Ростовски.