Шест општини од Македонија добија 290,7 милиони денари преку Проектот за подобрување на општинските услуги на Министерството за финансии и на Светска банка.
Парите ќе ги користат општините Кисела Вода, Кавадарци, Илинден, Студеничани, Желино и Центар Жупа, чии градоначалници потпишаа договори денеска во Министерството за финансии со министерот Драган Тевдовски и директорот на канцеларијата на Светска банка во Македонија Марко Мантованели.
Ќе се реализираат осум проекти кои предвидуваат изградба и реконструкција на локална патна мрежа, атмосферска канализација и реконструкција на основно училиште,
– Потпишувањето на договори за осум нови капитлни проекти во шест општни, од четири различни региони е најдобар показател дека се залагаме за развој и за подобри општински услуги подеднакво за сите општини во Македонија – рече Тевдовски.
Директорот на Канцеларијата на Светска банка Мантованели истакна дека ова е долгорочна програма и оти овие шест договори се првите договори од втората фаза на Проектот.
– Нам ни се важни општинските услуги бидејќи тие се најблиски до граѓаните и сметаме дека тука можеме да придонесме најмногу за граѓаните на Македонија – рече Мантованели.
Во општина Желино, ќе се изврши реконструкција на основното училиште во населбата Палатица, во кое учат околу 300 ученици, како и реконструкција на локален пат во селата Групчин Ново Село. Реконструкција на осум улици и булевар ќе се изврши и во општина Кавадарци, додека во општина Илинден – реконструкција на потегот од Кадино до клучката до автопатот А4. Во општина Студеничани освен реконструкција на улица се предвидува и партерно уредување на централниот дел на населеното место Студеничани.
Во општина Центар Жупа ќе се изгради локален пат што ги поврзува населените места Елевци и Долгаш, кој ќе придонесе да се скрати патувањето на жителите од оваа општина до Струга.
Во општина Кисела Вода ќе се направи атмосферска канализација на улиците во населба Пржино.
Проектот за подобрување на општинските услуги го спроведува Министерството за финансии, со поддршка на Светска банка, како и на Европската унија преку ИПА.
Досега во рамки на овој проект се реализирани над 70 капитални проекти во над 40 општини.