Доделени дипломи на победниците од натпреварот „Лидер на струка“

167

Свечено доделување на дипломи денеска во Стопанската комора на Северна Македонија организираше Министерството за образование и наука (МОН) и Центарот за стручно образование и обука на учениците и ментори победници на натпреварот „Лидер на струка“.

Министерот за образование и наука, Арбер Адеми, појасни дека овој натпревар од година во година станува се поинтересен и атрактивен за учениците од стручните училишта во земјата.

– Ова е натпревар во кој учениците ги применуваат стекнатите знаења за време на образовниот процес, а во рамки на струката со која одлучиле да се занимаваат. Годинешните победници се најдобрите меѓу 147 пријавени ученици во 23 образовни профили од девет струки. Тие се натпреваруваат со свои соученици и другари и докажаа дека стекнатото знаење на часовите и практична обука како и мотивот да се биде подобар од другите се од огромно значење и клучен фактор за постигнување на успех, рече Адеми.

Додаде дека изборот на најдобар ученик во струката е направен според постигнатиот успех по реализираните активности од овој натпревар.

– Преку натпреварот се рангираат знаењата на учениците по стручните предмети и практична настава во рамките на образовен профил од техничкото и стручното образование, согласно правилникот за избор на најдобар ученик по струката од завршните години во стручното образование во земјата. Министерството за образование и наука ги поддржува ученичките активности што придонесуваат за унапредување на знаењата на учениците и го поттикнува натпреварувачкиот дух на младите. Овој натпревар е само уште еден показател дека државата има навистина многу талентирани ученици кои ги креираат промените во општеството и придвижуваат општествено економски процеси – додаде Адеми.

Тој посочи дека на учениците лидери и на нивните наставници, покрај признание, Министерството за образование и наука ќе им додели и парична награда во висина од 50 отсто од износот на просечната нето плата во државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...