Градот Скопје ќе дозволи да продолжи изградбата на гасоводот на Водно кога со граѓанските здруженија кои протестираат ќе ги расчисти сите непрецизности и недостатоци поврзани со проектот. До тогаш, како што изјавија за Плусинфо, од Градот ќе дебатираат со екологистите.
– По расчистување на сите состојби и кога ќе се донесе одлука, тогаш ќе продолжи и реализацијата на овој проект – велат од Градот Скопје.
Оттаму се свесни дека запирањето на проектот е на штета на државата и жителите на соседните општини и градови низ кои треба да минува гасоводот, но не кажуваат кој ќе ги покрие штетите.
– Било какво пролонгирање на реализацијата на овој проект ќе значи и раскинување на договорот за заем, што значи прологирање на гасификацијата на Тетово и Гостивар за над 5 години, а финансиските штети се од неколку милиони евра – велат од Градот.
Изградбата на гасоводот на Водно, појаснуваат оттаму, ја има сета потребна техничка документација, и има издадено соодветна дозвола за градба.
Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, пак, пред една недела изјави дека запирањето на изградбата на гасоводот преку Водно го кочи реализирањето на капиталните инвестиции во земјата.
Тој уверуваше дека за гасоводот е земена најоптималната траса, а секоја друга опција е поскапа и ја одолговлекува планираната изградба. Сепак, како што изјави, би прифатил и друга, но подобра опција.
– Ако се понуди подобар проект и тек на трасата, ние ќе го прифатиме, но од досегашните анализи направени пред изборот на сегашната траса се покажа дека ова е најоптималното решение, а друго подобро не се нуди – рече Сугарески.
Тој додаде дека Владата гарантира, оти земјиштето околу гасоводната траса ќе се пошуми, дека се направени промени во однос на ширината на површината низ која градежната оператива ќе треба да се движи при изградба на гасоводната траса и е намалена количината дрвја кои ќе треба да бидат исечени додека се гради. Ширината на работниот појас е стеснат од 25 на 10 метри, променета е трасата на самиот врв на Водно каде е високостеблестата шума. При тоа ќе бидат исечени само 1.400 метри кубни сеча на дрва.
Граѓанските иницијативи здружени под мотото „Го сакам Водно“ се со став дека гасоводот не смее да минува низ парк-шумата Водно кое е заштитено подрачје со ендемски висови. Имаат и забелешки на документацијата и тврдат дека е избрана најевтината варијанта за изградба на гасоводот, без да се мисли за уништувањето на животната средина.