Еден од најблиските сојузници на британската премиерка Тереза Меј, поранешниот министер за одбрана Мајкл Фалон, денеска соопшти дека во Парламентот нема да го поддржи договорот за Брегзит.
Тој оцени дека британските преговарачи треба да се вратат во Брисел за да постигнат подобар договор. Прашан за тоа дали ќе гласа против понудениот договор, тој рече: Како што сега стојат работите – да. Мислам дека тој не ни ја дава потребната сигурност и поради тоа е ризик.
Лидерот на опозициската Лабуристичка партија Џереми Корбин ги повика своите пратеници да гласаат против договорот, бидејќи, според него, тој претставува „национално самоубиство“. Десетици конзервативни пратеници, според британските медиуми меѓу 20 и 40, најавија дека ќе го отфрлат договорот, било да мислат дека е премногу остар или премногу „мек“. Северноирските унионисти, кои обезбедуваат мнозинство на Владата, како и други опозициски партии, исто така се противат на договорот.
Меј има 15 дена да ги убеди пратениците дека е невозможно да се постигне подобар договор, а министерот за Брегзит Стивен Баркли призна дека гласањето ќе биде предизвик и оцени дека Велика Британија ќе биде во „немирни води“ доколку Парламентот гласа „против“
Гласањето за Договорот, кој во неделата го постигнаа Лондон и Брисел, во британскиот Парламент е планирано за 11 декември. Во Парламентот, кој има 650 пратеници, во сегашниот состав има 316 од Конзервативна партија, 313 од опозицијата и 10 пратеници од севернориската Демократска унионистичка партија (ДУП), коалициски партнер во Владата. Иако во Долниот дом има 650 застапнички места, седум пратеници од северноирската партија Шин Феин не учествуваат во работата на тоа законодавно тело, а според правилата, претседателот и неговите тројца застапници не гласаат, така што 639 пратеници се сметаат за активни. Тоа значи дека на која било Влада и се потребни 320 гласови за мнозинство.
ФОТО: EPA / ANDY RAIN