Глигор Бишев, потпретседател на Стопанската комора на Македонија и претседател на УО на „Шпаркасе Банка Македонија“ АД – Скопје, имаше излагање на тркалезната маса на тема: „ВЛАДЕЕЊЕТО НА ПРАВОТО КАКО ИМПЕРАТИВ ЗА СТАБИЛНИ И ПРЕДВИДЛИВИ УСЛОВИ ЗА ВОДЕЊЕ БИЗНИС”, во организација на Стопанската комора на Македонија (26.8.2019 година)
Едно од трајните прашања на нашето време е: зошто толку малку земји во светот се просперитетни? Зошто богатите земји стануваат уште побогати и лесно се справуваат со економските тешкотии, а останатите земји бавно растат и тешко ги надминуваат економските тешкотии кога ќе се соочат со нив.
Според податоците на Светската банка, од 200 земји во светот што доставуваат економски податоци, во 1960 година, само 50 биле класифицирани во земји со висок доход. Во периодот од 1960 година до пред големата рецесија – 2008 година, од 101 земја со среден доход само десетина успеале да се приклучат кон земјите со висок доход. На што се должи успехот кај земјите со висок доход и неуспехот кај земјите со низок и среден доход? Најголемиот број економисти како главна фундаментална причина ги наведуваат институциите врз кои се потпира економијата. Поседувањето на добри и здрави институции е клучниот фактор во објаснувањето на разликите во економскиот раст, по стандардните економски фактори како капиталот, работната сила (вклучувајќи го и човечкиот капитал кој зависи од образованието и центрите за обуки) и технологијата.
До ист заклучок, за важноста на институциите како основа на економскиот просперитет, се доаѓа и при анализата на економската развиеност на светско ниво во последните 1000 години согласно пресметките на De Long од 1998 година.
БДП ПО ГЛАВА НА ЖИТЕЛ ОД 1000 ДО 2000 ГОДИНА
Sources: De Long (1998)
Приказната за економскиот раст е очигледна. Во 2/3 од 1000 години, или некаде до 1750/70 година, светската економија скоро и да не растела. Бруто домашниот производ – БДП по глава на жител растел по 0,1 % годишно. Било потребно повеќе од еден милениум за да може двојно да се зголеми животниот стандард. Обичниот граѓанин во текот на својот животен век не доживувал скоро никакво подобрување во животниот стандард.
Во периодот по 1750/70 година, одеднаш растот се динамизира и на секои 40-50 години, животниот стандард во светот се удвојува. Во брзорастечките земји, удвојувањето на животниот стандард настанува и за помалку од 20 години.
На што се должи пресвртот во економскиот раст на светско ниво?
Според економистите предводени од нобеловците, Ronald Coase и Douglass North одговорот е во едно големо „И“. Тоа големо „ И“ за нив се институциите кои се нераскинливо поврзани со зајакнувањето и развојот на демократските процеси во општеството. Емпириските анализи ја поддржуваат хипотезата за важноста на институциите. Регресивните анализи за повеќе земји укажуваат дека земјите со високо-квалитетни институции растат најбрзо и по ниво на доход ги надминуваат земјите со слаби институции. Со непостоењето на институции, се објаснува зошто одредени нации пропаѓаат (Andrew G. Haldane, Bank of England, 2018, pp. 7-8).
Што подразбира зборот институции? Дефиницијата што ја дава Douglass North, претставува добра стартна основа: „општествено поставени принципиелни ограничувања што ја дефинираат структурата на политичките, економските и општествените интеракции“. Според него, здравите и добри институции се клучниот производ на општествата со развиени политички и економски слободи. Институциите ја претставуваат социјалната инфраструктура на општеството, без која ниедно општество не може да опстои. Тие ги вклучуваат формалните или законски институции, како Парламентот, Владата, судството, полицијата, Централната банка, школите, социјалната заштита, државниот пензиски систем и здравство и сл. Но тие вклучуваат и помалку формални институции како што се стопанските комори, синдикатите, финансиските здруженија, универзитетите, невладините организации, фондациите и сл.
Институциите обезбедуваат владеење на правото, заштита на приватната сопственост, квалитетно и ефикасно здравство и образование, заштита на интегритет на личноста, почитување на договорите, формирање на општествени вредности, поставување на приоритетите на општеството и сл.
Како примери на земји со исклучително слаби институции се наведуваат Латинско-американските земји, особено Аргентина и Мексико. Тие се пример за слаби институции во сите области – висока корупција, слабо судство, високи буџетски дефицити, висока монетизација на фискалните дефицити од страна на централната банка, висок платнобилансен дефицит и прекумерна задолженост. Епилогот од сето тоа е финансиска криза на секои 7-8 години, висока инфлација и економска стагнација.
Турција е земја за пример како ослабувањето на одредени институции, особено поткопувањето на независноста на централната банка, негативно влијае врз економскиот раст и благосостојба во земјата. Во изминатата декада, Турција се вбројуваше во брзорастечките земји со годишни стапки на раст од над 5 отсто. Последните 2-3 години со слабеењето на одредени институции, турската лира влезе во зоната на трајна депресијација, инфлацијата стана двоцифрена а високиот раст се претвори во блага рецесија.
Доколку се исклучат годините на глобалната светска рецесија и годините на политичката криза, Македонија остварува годишни просечни стапки на раст од 3-4 отсто. Тоа во просек го удвојува БДП по жител за 30-40 години, што е бавно темпо на приближување кон богатите земји во светот особено кон јадрото на земји од ЕУ. Гледано од аспект на нивото на инфлација, ниските платнобилансни дефицити, умереното ниво на задолженост, умерените буџетските дефицити, стабилноста на финансискиот систем, одржувањето на непроменет девизен курс во однос на Еврото, со право може да се заклучи дека Македонија има здрави и јаки институции во овие области: централната банка, министерството за финансии, корпоративното управување на приватниот сектор, исполнувањето на договорите. Меѓутоа, за подинамичен раст, очигледно се повеќе стануваат клучни институциите во областа на владеењето на правото – судството, заштитата на сопственичките права, здравството и образованието. Од аспект на човечкиот капитал, образованието станува клучно тесно грло. Во услови на стапка на вработеност од 49 отсто (Германија 76 отсто) и стапка на невработеност од 18 отсто (180.000 лица регистрирани што бараат работа, Германија 3,1 отсто) Македонската економија се соочува со недостиг на квалификувана, квалитетна работна сила. Ова е очигледен пример за слаби а скапи институции во областа на образованието.
Ефикасноста и здравоста на институциите зависи од управувањето и начинот на кој актерите на општествената сцена постигнуваат и ги почитуваат договорите. Институциите, приоритетите и политиките се резултат на овие договори помеѓу актерите во општеството. Како клучни актери во дизајнирањето и ефикасноста на институциите се споменуваат: носителите на политиките – Државните органи: органите на централната и локалната државна власт, елитите – бизнис елитите, академските елити, синдикалните елити и сл., граѓаните и граѓанските здруженија и меѓународниот фактор – ЕУ, ММф, Светска Банка, ЕБРД и сл.
Од ова се гледа дека градењето на здрави и ефикасни институции е сложен, макотрпен процес во кој свој придонес даваат голем број чинители. По правило процесот на градење и јакнење на институциите е перманентен процес и никогаш не завршува како и процесот на перманентни иновации и зголемување на ефикасноста. Сепак клучно во тој процес е отворање на општествената арена за договарање помеѓу разните актери и градење на култура на почитување и исполнување на договореното. Градење на општество во кое навремено ќе се идентификуваат слабостите на институциите и наоѓање на најдобри решенија за нивно подобрување и јакнење.
Извор: Стопанска комора на Македонија