„Неговата харизма и нескротлива енергија, како и многу други особини кои ги поседуваше и со гордост ги покажуваше на сцената, се нешто што не може никој да ги наследи. Беше единствен! Уникат! Со нив поттикнуваше огромна љубов при музицирањето и истовремено влеваше желба за творење“, со емоции зборува Дијана Имери Илкоска, една од најперспективните диригенти од младата генерација, за својот професор Саша Николовски Ѓумар.
Повод за нашиот разговор со Дијана Имери Илкоска и Дино Имери, пијанист, е концертот на Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија, кој ќе се одржи в недела, на 22. април, во Македонската филхармонија, а во чест на еден од најголемите македонски диригенти, прерано починатиот маестро Саша Николовски Ѓумар.
Оркестарот од дваесет млади музичари ќе го води Дијана, а солист на Концертот бр. 4 за пијано и оркестар од Бетовен ќе биде Дино Имери.
Со какви емоции се справувате пред концертот- омаж на вашиот професор и соработник Саша Николовски Ѓумар?
Дино: Многу силни, но многу мешани емоции и чувства. Пред сѐ, чувствувам силен порив да го дадам својот искрен и чесен максимум бидејќи чувствувам огромна почит и одговорност кон делото на маестро Ѓумар, но и еден вид уметнички „долг“ кој тој ни го остави со своите неуморни заложби за музицирање и за поддршка на младите уметници. Од друга страна, во текот на пробите, кои се одвиваат на истите места на кои работевме со него, толку често си помислувам на онаа негова човечка, приземна страна, на сите оние незаборавни спомени кои дополнително го потенцираат неговото физичко отсуство. На крај, сепак, мислам дека би бил горд со нас бидејќи го продолжуваме неговото музичко наследство и музицираме од срце – онака како што тој музицираше.
Камерниот оркестар на Музичката младина на Македонија ќе го носи името Саша Николовски Ѓумар, а претстојниот концерт ќе биде прв на кој МММ ќе настапи под тоа име. Чија беше иницијативата за честа да се додаде името на маестрото?
Дијана: Идејата камерниот оркестар на МММ да го добие името Саша Николовски Ѓумар е на раководниот тим на МММ, на чело со Александар Герасимовски. Оркестарот да го добие неговото име е, всушност, една благодарност и почит кон нивната долгогодишна и успешна соработка, во која маестро Ѓумар заедно со камерниот оркестар оствари многубројни концерти со различна и богата музичка прогама и стоеше како селектор за истата. Може да се каже дека беше многу важен дел од МММ повеќе од половина од нејзиното постоење, а годинава ја одбележува својата 55-та годишнина.
Дијана, Вие дипломиравте во 2014-та година во класата на Ѓумар. Какво беше искуството да се учи од Ѓумар?
Дијана: Пред сѐ, ми беше чест да бидам негова студентка и да го учам занаетот од него. Беше прекрасен човек со големо животно искуство од кое се обидував многу да научам. Професионалец кој ја владееше секоја партитура, музиката ја познаваше и владееше не само како уметност, туку и како занает, го познаваше секој аспект и гранка на музиката, како и сите музички жанрови. И сето тоа умееше да го пренесе на единствен начин, со голем сензибилитет, љубов, бура од емоции и секако педагошка вредност, која ретко кој ја поседува, да му влее на студентот самодоверба и љубов барем одблизу онаква каква што тој ја чувствуваше за музичкото дело.
Беше ли строг професор? Бараше ли многу од студентите?
Дино: Беше многу правичен, реален и истовремено инспиративен. Знаеше да го извлече максимумот од оние студенти кои знаеше дека ќе можат да го стигнат во неговите неверојатни познавања и музички сензибилитет, а беше особено горд на нивните успеси. Често пати се случуваше да го снема со денови. А потоа, ќе се појавеше од некаде и во една средба ни ги отвораше очите за работи кои сами не би ги сфатиле ни за години. Дијана секогаш на шега му велеше: „Каде и да одите, ние ќе Ве најдеме! Не можете да избегате од нас“. Можеби и овој концерт е една потрага по него, барем духовна потрага кон она што тој го втемели кај нас – љубовта кон животот и музиката.
Ѓумар беше познат по својата харизматичност и страственост на сцената. Колку од неговата енергија и страст кон музиката успеа да ви пренесе?
Дино: Се сеќавам на една од многуте аудиции кои ги полагав во студентските денови. По завршувањето, еден член на комисијата ми кажа дека не треба да се занимавам со класична музика и дека треба да се обидам во друг жанр. Тоа беше ладен туш! А потоа, ми пријде маестро Саша кој во ходникот како да заборави на целата бучава, со мене со пеење го помина целото дело кое го изведував. Ми обрна внимание на толку многу важни работи кои ги пропуштав, ми даде огромна мотивација да се надминам и издигнам над ситуацијата, а со тоа повторно го запали оној уметнички оган кој секој вистински уметник треба многу внимателно да го негува. Такви моменти, како и многу други, никогаш не се забораваат.
Дијана: Неговата харизма и нескротлива енергија, како и многу други особини кои ги поседуваше и со гордост ги покажуваше на сцената, се нешто што не може никој да ги наследи. Беше единствен! Уникат! Со нив поттикнуваше огромна љубов при музицирањето и истовремено влеваше желба за творење, барем кај мене. Бевме многу слични по карактер и емотивност, па можеби и затоа со часови разговаравме и анализиравме дела кои ги чувствувавме на ист начин и со огромна почит кон композиторите и како сунѓер ја впивав секоја негова „лекција“.
Диригирањето до сега се сметаше за машка професија, но во последниве години сѐ повеќе жени сакаат да бидат диригенти. Кој е предизвикот да се биде диригент?
Дијана: Диригирањето е врвот во музиката и е секундарно само во однос со компонирањето, затоа што тоа ги содржи сите можни гранки и познавање не само од областа на практичното изведување на композициите, теоретското познавање на партитурите, туку и онаа необјаснива психолошка и метафизичка димензија на уметноста. Задача на секој еден вистински уметник е да ги сруши менталните бариери и предрасуди кои ги делат луѓето по било кој основ. Затоа би рекла дека не познавам машки или женски диригенти, туку добри или лоши.
Дино, Вие тргнавте по стапките на Симон Трпчески, а веќе ве сметаат за еден од најдобрите десет европски млади пијанисти. На кој начин се гради сопствен стил по кој ве препознава веќе бројната публика?
Дино: Не би рекол дека сум тргнал по било чии стапки. Имам свои планини кои допрва треба да ги искачам. Мојот рецепт е едноставен – многу љубов, огромен труд, искреност и почит кон себе и другите, постојана желба за надградба, слушање на своето срце и интуиција. Ја почитувам својата публика и никогаш не се обидувам да ја излажам со глума која ќе компензира помало ниво на квалитет во уметничката визија и нејзината реализација.
Која е пораката која сакате да ја испратите со концертот?
Дино: Пораката е едноставна – да се присетиме на нашиот маестро, да му оддадеме почит и благодарност, но и да поставиме пример за многу наредни креации и проекти кои младите артисти ќе ги работат со чисто срце и голема заложба.
Дијана: Мојата порака е да даваме и примаме малку повеќе вистинска љубов од она што во последно време е видливо меѓу нас. Зашто од љубовта доаѓа и почитта кон музиката, професијата, чесноста кон сѐ она што подразбира да се биде човек и уметник, а тоа се сите квалитети кои нашиот драг маестро ги поседуваше и кои треба да се продолжат и наследат понатаму.
Фотографија (Дијана) – Маја Аргакијева
Фотографија (Дино) – Татјана Ранташа