Директор на хрватска компанија им помогнал на вработените да ги отплатат долговите

Просечната плата во неговата компанија е околу 1.200 евра.

584

Хрватската компанија Техникс во Долни Краљевац им позајмила на работниците вкупно 250.000 куни (околу 34.000 евра) или поединечно од 5.000 (околу 680 евра) до 25.000 куни (околу 3.400 евра) за да ги отплатат долговите, поради кои биле блокирани од банките, пишува „Вечерњи лист“.

Директорот на компанијата Техникс во Долни Краљевац, Ѓуро Хорват вели дека им помогнал на работниците да си ги исплатат долговите, бидејќи кога од други фирми дошле во неговата компанија, поради блокирани сметки, не можел да им исплати плата.

– Му кажав на шефот за финансии да разговара со нив и да го реши проблемот. Ги тргнавме луѓето од банките со големи камати. На некои највредни работници им ја зголемивме платата, така што не чувствуваат дека отплаќаат рата. Тоа е едноставен модел, а на тој начин може да се спречи иселувањето од државата. Во Хрватска е најубаво, но доколку човек има плата од 3.000 (400 евра) или 4.000 куни (540 евра), тогаш е невозможно овде да живее, вели Хорват.

Тој додава дека откако им ја зголемил платата, зголемена е и продуктивноста и квалитетот во компанијата, а со тоа и конкурентноста.

– Формулата е едноставна. Доколку работодавачот има малку морал, тоа мора да го препознае. Помагаме колку можеме. Воведовме 13.плата, а со тоа ја зголемивме и продуктивноста. Не можете да направите успешна компанија без задоволни луѓе. Не можете да изработите квалитетен производ во кој не е вградено љубов и задоволство. А без добар стандард тоа го нема, вели Хорват.

Тој на сите вработени им понудил и пет отсто поголема плата доколку не пушат. Според него, тој што пуши има помала продуктивност и поголема е можноста за повреда на работното место.

Исто така, платата на работниците кои ќе добијат дете им се зголемува за пет отсто.

Просечната плата во неговата компанија е околу 1.200 евра.

Техникс е една од водечките компании во Југоисточна Европа за производство и инсталирање разновидна опрема и постројки за рециклирање отпад и отпадни води.

ФОТО:сајт на Техникс

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...