Претседателот на управата на компанијата „Levi Strauss & Co“, Чип Берг неодамна збунил многу обожаватели на брендот кога за „CNN Business’ Markets Now“ изјавил дека своите најомилени фармерки не ги испрал во машина за перење откако ги купил, ниту пак, има намера да го направи тоа. Тој признал дека фармерките не ги испрал 10 години.
Освен тоа, Берг приказните дека „со замрзнувањето на фармерките ќе се зачува обликот и бојата“ ги нарекол бапски приказни, а неколку дена по изјавата за неперењето на фармерките, потпаролот на компанијата за „ФОКС бизнис“ објаснил на што неговиот претпоставен мислел:
„Познато е дека господин Берг само ги третира дамките на фармерките, или во најлош случај ги пере рачно, но никогаш во машина за перење алишта.“
– Би сакал да се промени општо прифатеното мислење дека сè што ќе облечеме еднаш или два пати веднаш треба да се фрли во машината за перење. Бев провокативен во изјавата, бидејќи сакам да нагласам дека длабоко верувам во она што нашиот бренд го претставува: квалитет, долготрајност и издржливост. Затоа навистина не верувам дека фармерките треба да се перат толку често колку што многумина мислат – објаснил Берг уште во 2014 година.
Сепак, во разговор за „Индепендент“ претставникот за медиумите од „Левис“ посочил дека еднаш месечно е вистинската „мерка“ за перење на фармерките, за тие да изгледаат и мирисаат посвежо.