Димовски: Вработените во УЈП ќе знаат какви играчки за мажи и за жени купувате

Димовски го образложи своето барање со ставот дека со измените на Законите за банки и Законот за УЈП се нарушува приватноста на граѓаните гарантирани со членот 18 од Уставот.

3217

Пратеникот Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ на денешната седница на Собранието побара да се симнат од дневен ред предлозите на законите за измена на Законот за банки и за Управата за јавни приходи во кои се овозможува УЈП да има пристап до банкарските сметки на граѓаните за подготовка на Годишната даночна пријава.

Измените на овие два закона Владата побара да се донесат во скратена постапка и се на дневен ред на седницата на Собрание.

Димовски го образложи своето барање со ставот дека со овие измени се нарушува приватноста на граѓаните гарантирани со членот 18 од Уставот.

– Промената на двата закона значи влез на државата во најинтимните и приватните точки на граѓаните. Ако граѓанинот купува „хелекс“ и други лекови за кои не сака да знаат другите и ги купува преку картичка тогаш секој административец и вработен во Управата за јавни приходи и во банките ќе го има податокот кои лекови тој ги купува. Административците ќе знаат каде сте ручале, вечерале, каква долна облека им купувате на жените и на швалерките или кои играчки за мажи и за жени и за вашите деца ги купувате. Не смее да се дозволи УЈП тоа да го знае туку само со судски налог да може да влезе во сметките на граѓаните – рече Димовски.

Пратениците, сепак, не го изгласаа неговиот предлог.

За двата предлог закона претходно треба да се изјаснат Комисијата за финансирање и буџет и законодавно правната комисија.

Пратениците  ги донесоа измените на Закон нотаријатот, Законот за извршители и Законот за плати и други надоместоци на избрани и именувани лица.

Претседателот на собранието Талат Џафери даде пауза поради обврски, во моментот кога преатениците почнаа да расправаат за Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...