Поддршката за пчеларите ќе продолжи како и досега, овозможени се услови со кои пчларите полесно доаѓаат до крајните потрошувачи, рече министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство, Трајан Димковски на денешното одбележување на 49 години од постоењето на здружението „Пчела“ во Куманово.
Политиките кои ги спроведува Владата, изјави министерот, се насочени кон зголемување на бројот на пчелни семејства на ниво на државата кои на годишно ниво изнесуваат 10.000, а според последните податоци на подрачјето на државата има 253.000 пчелни семејства.
Ова според Димковски е добар показател на политики кои се спроведуваат и го мотивираат пчеларите посериозно да се занимаваат со овој бизнис. Тој потсети дека претходно се зголемени субвенциите од 600 на 800 денари по пчелно семејство.
– Оваа година имаме и новитети каде што овозможивме да само со десет пчелни семејства да можат да аплицираат за субвенции, со измените што ги направивме со Законот за земјоделско земјиште, каде што пчеларите можат да користат и државно земјоделско земјиште, да изнајмат под кирија за поставување и за фацелии и би напоменал уште една работа, правилникот за флексибилност што е веќе донесен, така што се овозможени услови пчеларите во поедноставни, но сепак гарантирана здравствена исправна храна да можат да регистрираат свое одгледувалиште и свои фирми, со тоа што самото пчеларско производство, медот и другите пчелни производи ќе можат да ги пласираат на пазарите, тоа се регистрирани во маркети, во ресторани и слично, се со цел како самиот пчелар да дојде до последниот поторшувач – изјави Димковски.
Кумановските пчелари роденденот на здружението го прославуваат со едукација, информираше претседателот на здружението, Горан Митевски. Пчеларите од Куманово, додава дека се задоволни од поддршката на министерството особено од зголемување на субвенциите.
Кумановскиот градоначалник, Максим Димитриевски вели Куманово е добро организирано во однос на пчеларството и дека има пчелари со успешни семејни бизниси. Општината, годинава одвоила 100.000 денари буџетски средства за здружението, а со години не изостанува поддршката за манифестацијата „Денови на медот. Тој додаде дека при посетите на збратимени градови, куманвоските пчелари соработуваат со нивни колеги и разменуваат искуства, споменувајќи ја како пример соработката со пчеларите од Кампина.
Здружението „Пчела“ опстојува континуирано од 1971 година.