Забраната за увоз на порибителен материјал во земјава не се однесува само на Косово, туку и на сите држави кои немаат спроведено мониторинг и немаат гаранција дека материјалот што ќе се внесе кај нас е здравствено исправен, порача денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Трајан Димковски.
– Од Косово може да влегува свежа риба во земјава што веднаш се дистрибуира во маркети и во рибарници, но забрана има за порибителниот материјал, односно за икра и млади риби. Причината за вовоедувањето на забраната од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) е тоа што Република Северна Македонија веќе се подготвува и многу брзо ќе добие дозвола за извоз на свежа риба на европскиот пазар – рече Димковски во одговор на прашање по денешното потпишување на договори за набавка на приплоден добиток во Платежната агенција.
Тој посочи дека веќе има комуникација меѓу претставниците на АХВ и косовските власти и посочи дека нема да има проблем за увоз на порибитилелен материјал од соседната земја доколку направат мониторинг на се она што го произведуваат.
За заканите за реципроцитет од косовска страна и забрана за увоз на производи од земјава, Димковски рече дека верува оти не е нешто што не може да се надмине.
– Сме имале и поголеми проблеми во минатото кога на една листа имаше 25 производи. Верувам дека со дијалог се ќе се надмине, но треба да се има на ум и ставот на АХВ дека мора да внимаваме при увоз на живи животни, во овој случај икри и мали риби, да бидат докажани и здравствено исправни за да немаме проблеми ка нас – потенцира Димковски.