Дивите превозници ги качуваат патниците на Фејсбук

874

Автобусите на меѓуградските линиии во работните денови возат полупразни, а дел од превозот веќе се покрива со комбиња, затоа што патниците сè почесто ги користат услугите на дивите превозници. Тие се нелојална конкуренција на регистрираните превозници, кои се жалат дека бележат сè повеќе загуби, ги редуцираат линиите и не се во можност да ги исплаќаат вработените.

Истовремено, граѓаните кои користат услуги на дивиот превоз се правдаат дека за иста цена колку што чини автобускиот билет добиваат превоз до кое било место, а не само до автобуските станици, но не коментираат дека на тој начин учествуваат во продуцирање сива економија. Со проблемот со дивите превозници на терен треба да се справат 16 инспектори на Државниот инспекторат за транспорт, како и 60 општински инспектори, кои законски се обврзани да преземаат мерки за територијата на општината.

Нелегалниот превоз се договара преку социјалните мрежи

Според тврдењата на асоцијацијата на превозници „Исток“, со помош на фејсбук-групи се организира нелегален превоз скоро од сите градови во државата. Во Скопје дивите превозници најчесто се лоцирани околу Меѓуградската автобуска станица во Скопје, поранешната автобуска станица до стоковна куќа Мост, студентските домови, на бул. Партизанска во близина на соборен храм „Св. Климент Охридски“ Скопје, факултетскиот комплекс кај Бит-пазар, ТЦ Сити мол… Од градовите од внатрешноста автомобилите на дивите превозници кои немаат „обезбедено сигурни патници“ неретко тргнуваат пред автобусите и ги собираат нивните патници.

Претседателот на „Исток“ Горан Трпковски вели дека основа за санкции и механизам постои, но државните институции молчат и не постапуваат во согласност со своите надлежности. За да помогнат во сузбивање на дивите превозници до институциите доставиле акциски планови со табеларни прикази на регистарски таблички и карактеристики на возила на диви превозници по градови.

– Заради олеснување на контролите, а за да се избегне изговорот дека институциите немаат доволно кадар за прибирање податоци за дивите превозници, асоцијацијата „Исток“ во соработка со сите членки прибираше податоци по општини, за секое возило – див превозник одделно, со време на тргнување, маршрута на движење. Изработени се голем број акциски планови со надеж дека со наша помош ќе се санкционираат дивите превозници, но не беа спроведени и земени предвид. Со тоа се потврдија сомнежите дека не станува збор за недостиг на кадар, туку недостиг на волја и можеби судир на интереси за нивно спроведување – вели Трпковски за МИА.

На почетокот на минатата година поднеле и кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против „субјекти кои вршат нерегистрирана дејност, превоз на патници во патниот сообраќај (диви превозници), но од Министерството за внатрешни работи добиле одговор дека сè уште се прибираат информации и докази.

Според Трпковски, надлежните институции треба што поскоро да формираат работна група за сузбивање на сивата економија со планови за преземање итни мерки во оваа област, следејќи го примерот на Република Србија.

Годишно неоданочени 576 милиони денари

Анализата на асоцијацијата „Исток“ покажува дека во фејсбук-групите преку кои се организира дивиот превоз има најмалку 50.000 членови, чиј број се зголемува постојано. Доколку само 30 проценти од нив патуваат осум пати месечно, иако зачленетите се претежно вработени кои патуваат секојдневно или студенти кои патуваат секој викенд, се доаѓа до бројка од 120.000 патници кои патуваат по осум пати со просечна цена на билет од 400 денари. Тоа месечно се неоданочени 48 милиони денари, а годишно 576 милиони денари, буџетот е оштетен со најмалку 2.880.000 денари пет проценти ДДВ, со 57.600.000 денари данок на добивка…, покажува анализата на „Исток“.

Оттаму истакнуват оти е загрижувачки податокот дека на дневно ниво 70 проценти од патниците се превезуваат со диви превозници, а само 30 проценти со легитимни. Дивите превозници со возила 6+1 или комбиња немаат возен ред на кој би биле должни да се придружуваат, секогаш се чекор напред и се креатори на „сопствените возни редови“, во зависност од бројот на патници кои ќе ги обезбедат. Наспроти нив, легитимните превозници поседуваат дозволи, регистрирани возни редови, имаат обврска да ги одржуваат возните редови без разлика дали во автобусот има еден патник или воопшто нема патници, а за неодржувањето на линијата следи глоба и одземање на возните редови согласно Законот за превоз во патниот сообраќај. Возниот парк со автобуси станува неупотреблив, прескап за одржување, нерентабилен, па превозниците се изложуваат на нови дополнителни трошоци за набавка на минибуси заради намалување на трошоците, а во интерес на опстојување и одржување на постоечките линии, појаснува Трпковски.

Исплатена отштета за одземените возила на дивите превозници

Од ноември 2012 до јануари 2015 година на „дивите превозници“ им се одземаа возилата сè додека Уставниот суд не ги укина член 99-а став 3 и став 4 од Законот превоз во патниот сообраќај, со кои се предвидуваше дека инспекторот за патен сообраќај издава решение за трајно одземање на возилото во случај на повторување на прекршокот од страна на ист сторител или со истото возило.

И покрај тоа што е укинат членот,  од „Исток“ сметаат дека во законот со повеќе акти има можност за решавање на проблемот, односно привремено одземање на возилото  во траење од 30 дена и за изрекување мерка согласно прекршокот што го направил  превозникот кој не поседува ниту основна лиценца, ниту е регистриран за претежна дејност и со други работи за да биде легитимен превозник.

По укинување на можноста за одземање на возилата и обжалувањето, решенијата што Инспекторатот за транспорт ги изрекол по тој основ биле обжалени па оваа институција морала да плаќа казни и, како што велат  оттаму, тоа воедно и ги демотивирало нивните инспектори.

До донесување на Одлуката бр. 70/1992 од 28 јануари 2015 година на Уставниот суд Државниот инспекторат за транспорт времено одзел 91 возило за период од шест до 12 месеци, додека 154 возила биле трајно одземени. За дел од решенијата со кои биле трајно одземени возилата биле доставени тужби до Управен суд и жалби до Виш управен суд. При решавање на тужбите односно жалбите Управниот суд и Вишиот управен суд, носеле пресуди со кои ги укинувале и поништувале решенијата за трајно одземање на возилата не почитувајќи ја Одлуката на Уставниот суд и член 125 од Законот за општа и управна постапка, велат од Државниот инспекторат за транспорт и укажуваат дека со укинување и поништување на решенијата се соочиле со финансиски проблеми.

Директорот на Државниот инспекторат за транспорт Руфат Хусеини за МИА објаснува дека на сторителите на прекршоци, односно на дивите превозници им биле вратени возилата, а дел од нив кои по одземање на возилата извадиле лиценци, поднеле тужби до основните судови и добиле пресуди за надомест на изгубена добивка. Воедно, дел од дивите превозници поднеле тужби до основните судови за оштетување на возилата при чување во Агенцијата за одземен имот и за изгубена вредност на возилата за период кога се одземени добиле пресуди за обештетување. По сите основи Државниот инспекторат за транспорт платил казни во вредност од 251.169,00 денари.

– Со ваквите судски пресуди се демотивираа инспекторите, а во исто време се мотивираа нелегалните превозници чиј број секој ден се зголемува. Истите превозници на кои ние им плативме отштета продолжуваат со нелегалното работење – изјави Хусеини.

Државниот инспекторат за транспорт лани санкционирал 243 превозници

Во Државниот инспекторат за транспорт се вработени 16 инспектори за патен сообраќај кои вршат инспекциски надзор по Законот за превоз во патниот сообраќај, Законот за превоз на опасни материи во патниот и железничкиот сообраќај и Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај, а дел од работното време инпекторите за патен сообраќај го губеле и во одење на Суд при решавање на поднесените тужби.

– И покрај сите проблеми што ги има Државниот инспекторат за транспорт преку државните инспектори за патен сообраќај во текот на 2018 има преземено мерки и санкци против 243 нелегални превозници. Треба да се напомене и тоа дека Комисијата за одлучување по прекршоци која ги решава Барањата за поведување на прекршочна постапка за нелегалните превозници сѐ уште ги решава од 2015 година. За нашата работа да дава резултати Комисијата треба што побрзо да ги решава нашите барања, а УЈП треба да постапи и да ги извршува изречените глоби од Комисијата за прекршоци при Министерството за транспорт и врски, во спротивно нашата работа не дава никакви разултати – додава Хусеини.

Согласно со Законот за превоз на патниот сообраќај, надлежноста за издавање на лиценци и сета потребна документација за такси превозот е на Советот на општините и градоначалниците. Секој превоз на патници почнува од некоја општина, завршува во некоја друга општина и на крај превозникот пак се враќа на местото од каде го почнува превозот, во матичнта општина. Според Законот, такси превозот е општинска надлежност и секоја општина има законска обврска да има овластени инспектори за патен сообраќај.

– Според нашите сознанија има преку 60 овластени општински инспектори. Тие имаат база на податоци со лиценцирани такси компании кои имаат право да извршуваат такси превоз. Ги гледаат и другите кои не се лиценцирани и работат нелегално. Согласно законот ги имат истите надлежности како инспекторите на Државниот инспекторат за транспорт. Државните инспектори немат право да преземат мерки и санкции ако превозот се извршуваа во територијата на општината бидејќи тоа спаѓа под општинска надлежност – вели Хусеини.

Инспекцискиот совет иницира вонредни надзори, а општинските инспектори реферираат пред локалната власт

И до Инспекцискиот совет, како што изјави директорката Магдалена Филиповска Грашкоска, во изминатиот период се доставени неколку претставки и иницијативи од здруженија на автобуски превозници и други правни лица, кои се однесуваат на див превоз на патници.

– Имајќи ја предвид сериозноста на ова прашања, Инспекцискиот совет има одржано средби со претставници на здруженијата на превозници и Државниот инспекторат за транспорт и врз основа на доставените иницијативи во неколку наврати има издадено налози за вонредни надзори во кои биле вклучени соодветни надлежни институции, претежно за Штипскиот и Битолскиот регион. Ако се земе предвид дека во член 88 од Законот за превоз во патниот сообраќај е дефинирано дека државните инспектори за транспорт имаат надлежност за превоз на патници во меѓуопштинскиот патен сообраќај, а овластените инспектори на општината се надлежни за надзор и контрола на превозот во рамките на општината во Инспекцискиот совет во постапката при издавањето на конкретните налози бараше соработка и од надлежните општини – изјави за МИА Филиповска Грашкоска.

Инспекцискиот совет, согласно Законот за инспекциски надзор, појасни таа, нема надлежност врз општинските инспектори, со оглед дека тие се дел од локалната самоуправа и поради тоа одговараат пред локалната власт.

Филиповска Грашкоска се согласува дека е потребна поголема кадровска екипираност во Државниот инспекторат, каде од вкупно 26 инспектори, 16 се за патен сообраќај. Во вкупната бројка влегуваат и државните инспектори за патишта и за жичари и ски лифтови.

– Имајќи ја предвид ваквата кадровска екипираност на инспекторатот, Советот смета дека е потребно да се зголеми бројот на соодветниот вид на инспектори имајќи го предвид опсегот на нивната работа, но ова прашање е во директна надлежност на самата инспекциска служба – изјави директорката на Инспекцискиот совет.

Зголемување на бројот на инспекторите се најавува и со новиот закон за инспекциски надзор, што беше усвоен минатата недела на владина седница, откако анализите покажале дефицит на овој кадар за сите области во работењето.

Намалувањето на сивата економија е една од четирите приоритетни реформи што треба да обезбедат подобра бизнис-клима во Македонија, според оценката на компаниите опфатени со истражувањето за бизнис-климата во Македонија во 2018 година преку проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“.

Лидија Велковска, МИА 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...