Рекорден број апликации, 487 или два до три пати повеќе од лани се доставени на повикот за комерцијализација на иновации. Како што рече денеска директорот на Фонодт за иновации и технолошки развој (ФИТР), Јован Деспотовски, оваа бројка на апликации се однесува само за еден инструмент за разлика од лани кога беше вкупна за четири инструменти.
– Ова е прв јавен повик што го реализираше Владата заедно со Светска банка со комбинирани средства. Досега програмите беа одвоени. До 2017 година беа исклучиво од Светска банка, а од лани стартувавме со план од економски раст кој го реализираше Владата – потсети Деспотовски.
Вкупниот планиран обем на инвестиции од инструментот за комерцијализација што ги доставија фирмите беше околу 105 милиони евра. Од нив 70 беа побарувани од Фондот, а 35 милиони од сопствено кофинансирање на компаниите. Во процесот на евалуација, бројките се менуваат, согласно препораките за реструктуирање на буџетите што ги дава Комитетот и намалување на одредени ставки.
– Во моментов, во просек, од целото наше портфолио од 40-тина милиони евра, односот на кофинансирање е 55:45. Тоа значи дека речиси за секое евро што го дава државата компаниите вложуваат свое евро – потенцира директорот на Фондот.